Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија на вонредна седница расправаше за информацијата за поднесената иницијатива пред Уставниот суд од страна на Стопанската комора на Македонија со која се оспоруваат измените на Законот за работни односи со кои се уредува работата во недела.
– Недела ден на неделен одмор е реалност колку и тоа на „газдите“ да не им се допаѓа, а не им се допаѓа поради тоа што ги полнеа џебовите на грбот на работниците кои им работеа без да ги плаќаат. ССМ нагласува дека согласно член 11 од Уставот „Се забранува присилна работа.“, согласно член 32 од Уставот „Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор“, а „Од овие права вработените не можат да се откажат“ и истиот член утврдува дека „Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, соопштија од ССМ по седницата на претседателството.
Оттаму велат дека правото, ден на неделен одмор да биде недела е уредено во Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи Сл.Весник бр.288 од 21 декември 2021 година и Законот за изменување и дополнување на Законот за трговијата Сл.Весник бр.295 од 27 декември 2021 година што е во целост согласно горенаведеното и член 32 од Уставот на Република Македонија оти секој вработен има право на платен неделен одмор и дека од тоа право работниците не смеаат да се откажат, а работодавачите не смеат да го ограничат.
– Ваквиот однос на работодавачите кои сметаат дека имаат робови, а не работници претставува карта во еден правец надвор од Државата, па тогаш овие „големи газди“ сами со своите семејства ќе си работат во нивните бизниси поради тоа што без работници нема трговија, нема здравство, нема индустрија, без работници ништо нема да работи, наведуваат од ССМ.
Уставниот суд вчера објави дека Стопанската комора на Македонија ги оспорила пред судот законските одредби за прогласување на недела за неработен ден, бидејќи сметаат дека е спротивен на слободата и пазарот на претприемништво.