Јапонското јаболко е слатко есенско и зимско овошје, за кое стручњаците велат дека е пријател на имунитетот и помага во превенирањето на карциномот.
Кај нас ова овошје сепак малку се конзумира. Јапонското јаболко најчесто расте во градините, како украсно растение. Уште е познато под името каки јаболко, кое потекнува од Азија, а може да се најде во Јапонија, Бурма и Кина. Во Европа, ова овошје пристигнало во 15 век, додека во денешно време се одгледува во топлите предели на планетата. Бојата на ова овошје може да варира, од светложолта, портокалова, до темноцрвена. За јапонското јаболко, може слободно да се каже дека е вистински извор на здравје.
Јаболко полно со антиоксиданси: Јапонското јаболко е полно со антиоксиданси, како витамините А, Ц, К. Антиоксидансите го штитат организмот од последиците на оксидативниот стрес. Ова помага во зајакнувањето на имунитетот и создавање на одбрана против многу болести. Последиците на оксидативниот стрес, често се поврзани со хронични заболувања, како срцеви болести и разни видови на карцином. Едно јапонско јаболко содржи 12,6 милиграми витамин Ц, што ја сочинува препорачливата дневна доза на внесување на овој витамин.
Посакувано во диети: Јапонското јаболко е богато со диетални влакна, кои се пресудни за добро функционирање на дигестивниот систем. Диеталните влакна го стимулираат варењето на храната и помагаат на цревата, да ги исфрлат штетните материи. Научниците велат дека содржината на јапонското јаболко, која се состои од диетални влакна, минерали и витамини, го прават овој плод посакуван во диеталните програми.
Плод: Плодот на јапонското јаболко може да се искористи на многу начини, меѓу кои и за лекување. Може да се користи како свеж плод или да се цеди сок од него. Доколку оставите едно излупено јапонско јаболко да одстои на отворено, во рок од 24 часа, тоа може да добие нови лековити својства. Плодот може да се искористи и за печење на ароматична ракија. Дури и листовите од јапонските јаболка можат да ви помогнат во зачувувањето на здравјето. Кога се работи за плодот на јапонското јаболко, најдобро е да ги избирате оние плодови кои се меки. Доколку се одлучите за тврд плод, оставете го неколку дена да созрее. Ќе биде доволно да го оставите на собна температура и за четири до пет дена тој ќе омекне и ќе биде идеален за користење.