Дијабетичарите следната недела ќе може да ги набават лентите за мерење шеќер во крвта, соопшти министерот за здравство Фатмир Меџити на официјалниот Фејсбук профил. Тој вели дека конечно е надминат наследениот проблем со набавката на ленти за мерење шеќер.
Лицата со дијабетес пред еден месец протестираа пред Министерството за здравство, со барање да добијат средства за мерење и контрола на болеста, како глукомери и ленти, кои недостигаат веќе седум месеци.
Министерот за здравство вели дека се прават максимални напори што побрзо да пристигнат и сензорите за дијабет. Со нив, вели министерот, децата по прв пат ќе може безболно да го мерат шеќерот во крвта и вети дека во неговиот мандат доцнење на набавка на лекови нема да има.
Во земјава има 150.000 граѓани со дијабет, од кои 45.000 се на инсулин.