Епидемиологот Драган Даниловски смета дека е скандалозна одлуката на Комисијата за заразни болести да не го набави лекот против коронавирусот „Паксловид“. Тој на социјалната мрежа Фејсбук објави статус во кој ги прашува членовите на Комисијата дали тактизираат и зошто тактизираат?!
– На Комисијата за заразни болести се дискутирало да се набави лекот против ковид-19 ‘Паксловид’, ама не сега, туку во иднина, ако се зголеми бројот на позитивни случаи. Министерството за здравство навело дека набавката ќе оди лесно и дека во моментот кога ќе побараат количини од производителот, ќе има доволно на располагање. Дали сте, бре, нормални? Ќе сте набавеле Паксловид ‘во иднина, ако се зголеми бројот на позитивни случаи’? Набавката ќе одела ‘лесно’? Тактизирате, а? Зошто? Сте чуле ли дека со зголемување на бројот на позитивни случаи, пропорционално расте и веројатноста да се зголеми бројот на случаи со тешка клиничка слика кои бараат хоспитализација, како и бројот на умрени?“, прашува Даниловски.
Сте чуле ли, додава тој, дека „Паксловид“ се дава кај ризични пациенти со лесна и средна клиничка слика во првите 5 дена од почетокот на симптомите, токму за да се спречи да не добијат тешка клиничка слика и да завршат во болница или на гробишта? Како тоа да се спречи, ако немаме „Паксловид“?
„Конечно, сте чуле ли дека веројатноста за појава на ‘пост-ковид’ синдромот (‘долг Ковид’) е поголема кај оние со тешка клиничка слика? Дали воопшто знаете колку ризични поединци во моментов имаат респираторни инфекции? Не знаете. Дали знаете дека бројот на ‘настинки’ постојано расте? Е, тоа го знаете. И ќе расте сѐ повеќе. Ако Паксловидот веќе го имавме на располагање, ќе можевте да му советувате на министерот за здравство да ги повика ризичните поединци да се тестираат – самостојно или кај својот матичен лекар. Па, ако се утврди ковид-19, матичниот лекар да процени дали смеат да се лекуваат со ‘Паксловид’. И тие што би смееле да го земат, би биле спокојни. Како тоа да се спроведе ако немаме ‘Паксловид’? Дознавам од мои извори дека неделава ќе сте собирале некаква работна група од клиничари за да ги ‘апдејтира’ лековите? Работна група? За што? Да проценува дали е потребно да се набави ‘Паксловид’? Кои ќе бидат критериумите за донесување одлука за набавка? Бројот на потврдени случаи на ковид-19? Или бројот на хоспитализирани? Или бројот на смртни случаи? Колку време ќе биде потребно за набавка? Недела, две, месец, два? Во тоа меѓувреме, колкумина ризични граѓани (ако се заразат) ќе бидат изложени на (избеглив) ризик да завршат во болница? Или на гробишта? Кој ќе сноси одговорност за тоа?“, пишува Даниловски.
„Четирите принципи на медицинската етика се: Прво, полза – прави добро. Второ, незлобност – не прави штета. Трето, автономија – давање на пациентот слобода да избира слободно, онаму каде што е можно. И четврто, правда – обезбедување правичност. Вие ги кршите првите два принципи. Ако не сте дораснати да се носите со предизвиците, одете си дома, порача Даниловски.