Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски ги посети Центарот за социјална работа Битола каде се разговараше за актуелните проблеми и системски пропусти при доделување на социјалната помош. Велковски го посети и Домот за згрижување на стари лица Сју Рајдер од Битола во кој во моментов престојуваат 150 лица за кои се грижат само 7 медицински лица.
„Алармантна е состојбата во сите градови низ Македонија исто како и во Битола. И покрај барањата на домот Сју Рајдер, во овој дом не дошол министер да ги посети 7 години. Центарот кубури со кадар, а луѓето се оставени да се грижат сами за себе бидејќи има само 7 медицински лица на 150 луѓе. Овие луѓе сместени овде се стари лица, пензионери кои никој не најде за сходно да ги слушне нивните барања, изјави Велковски.
На средбата со директорите и вработените на центрите во Битола тема на разговор беа и утврдените системски аномалии и недостатоци коишто ги покажа системот за социјална заштита. Во постапка е инспекциски увид по што точно ќе се утврдат неправилностите, и да се спречат идни вакви појави.
„За жал некој не се грижел месеци и години наназад за тие системски неправилности и аномалии да бидат надминати. Таму каде што ќе има одговорност ќе си се утврди и тука треба сите да бидеме еднакви пред законот, но не е само одговорноста, туку системот да функционира и да нема повторно вакви појави во иднина“, дополни тој.
Министерот Велковски како што и претходно најави, до крајот на мандатот како технички министер ќе ги посети сите центри за социјална работа и ќе се сретне со пензионерите од сите градови во Македонија како најважен столб на нашето општество. Големиот број на пензионери од Битола коишто дојдоа на денешната средба со Велковски и барањата коишто тие ги повторуваат уште од август 2023 година, само ја потврдува алармантноста и потребата итно да се излезе во пресрет на нивните барања.
„Пензионерите го истакнуваат проблемот којшто за жал од август 2023 година само се провлекува, тие протестираат, излегоа во голем број и бараат да се исполнат нивните права, но жално е што никој не ги прими долг период. Ги знаеме нивните барања и сигурен сум дека ќе има решение за истите. Дури 220.000 пензионери се со под 20.000 денари пензија. Така да тоа е две третини од вкупниот број на пензионери во државата кои што за жал примаат под 20 илјади пензија. Алармантна е навистина состојбата и ќе излеземе во пресрет на нивните барања коишто ги доставуваат до нас“, порача Велковски.