Јавен обвинител ќе ја испитува ситуацијата на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ која настана со затворањето на хируршките сали, кои повеќе од една недела не работат. Во меѓувреме, од Mинистерството за здравство за овој проблем се уште немаат став, додека за денеска закажаа прес-конференција на министерот Илир Демири, но без најава на која тема.
Од ОЈО Скопје вчера за МИА информираа дека Министерството за здравство пратило известување до Обвинителството за затворените хируршки сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кое е примено и распоредено кај јавен обвинител. Ќе се преземат дејствија за да се провери дали во настанот воопшто има елементи на кривично дело.
Како што објавија дел од медиумите, веќе е сослушан претставник на Министерството за здравство, а од денеска информации со Обвинителството ќе споделат и директорите на клиниките.
За состојбите на клинички центар викендов на прес-конференција реагираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој рече дека цела недела, од минатата сабота трае проблемот со системот односно цевководот за кислород до операциски сали, како и дека во меѓувреме, со потпис со лична согласност, луѓе се оперираат на сопствен ризик.
-Дали Кома центарот и КАРИЛ функционираат и дали пациенти се приклучени на истиот систем за воздух, заради кој пак систем се затворени салите за операции на трауматологија? Ако системот за компримираниот воздух се користи за пациентите во Кома центарот и КАРИЛ, зошто не би бил добар за операциските сали, и обратно, ако салите се затворени заради системот за воздух, зошто работи кај пациенти во Кома центарот и КАРИЛ? Дали причината за затворање на салите навистина е системот за воздух и климатизацијата, за што цела недела нема зафат за надминување на проблемот или се работи за сосема нешто друго? Дали тоа друго можеби е појава на бактеријата МРСА? Дали има вонредна контрола за хигиена на одделот траума? Дали брисевите од салите се негативни? Дали има интрахоспитални инфекции кај секој втор пациент на оваа клиника? Зошто истовремено со ЈО, Министерството за здравство не почне со решавање на проблемот? СДС и ДУИ се толку преокупирани со себе и одењето во опозиција, до толку што најфреквентната клиника ја претворија во руина, рече Стоилковски.
Во исто време, поради ситуацијата со хируршките сали на Клинички центар, во ГОБ „8 Септември“ и Градската општа болница – Хирургија „Св Наум Охридски“, ги прифаќаат итните пациенти не само од Скопје, туку и од другите градови, со што ги одложуваат веќе закажаните операции.