На Универзитетската клиника за државна кардиохиругија, на 6ти и 7ми јуни биле извршени две комплексни кардиохируршки операции, таканаречени отворени хибридни операции. Вакви операции за прв пат се прават во нашата земја, но и пошироко во целиот регион.

Со поддршка од Министерството за здравство, ова оперативно лекување станува за прв пат достапно во Република Македонија. Наша стратешка определба е носење на странски експерти во земјава каде заедно со нашите стручни лекари се формираат интердисциплинарни тимови и се изведуваат најкомплексни и најмодерни интервенции, велат од МЗ.

Оперирани се двајца пациенти со тешка и многу опсежна патологија на аортата. При операцијата поставен е стент во целата торакална аорта и со протеза од истиот е заменет целиот лак на аортата.

Пациентите се оперирани со отворена метода која во еден акт комбинира оперативно и интервентно лекување на аортната болест при што се решава целосно проблемот само со еден оперативен зафат.

Хибридните протези кои беа поставени се посебно дизајнирани специјално за потребите на пациентите од реномирана фабрика за медицински импланти во Германија.

Интервенциите беа изведени од д-р Петар Ристески, кардиохирург и консултант од Универзитетската клиника во Франкфурт, Германија, лидер на тимот, проф. д-р Сашко Јовев, директор на клиниката за кардиохирургија, д-р Жан Зимбаков, директор на клиниката за кардиологија и д-р Сузана Дамеска, кардиоанестезиолог.

Кај двајцата пациенти операциите беа успешно завршени, а пациентите се опоравуваат добро и се во стабилна состојба.

Продолжуваме и понатаму со имплементирање на концептот за носење на странски лекари во земјава, размена на едукација и експертиза од еминентни клиники, како и усогласување на нашите образовни програми за специјализација со европските стандарди и програми.