Голем број пациенти уште чекаат за разни оперативни зафати за кои уште во текот на мај имале термин, но една недела пред да бидат изведени им биле откажани со образложение дека во операционите сали е утврдено присуство на супстанцијата формалдехид чија концентрација била повисока од пропишаните европски стандарди.
-Нашиот 10-годишен син требаше да се оперира на Клиниката за детска хирургија уште кон крајот на мај, но точно една недела пред закажаниот термин, оперативниот зафат ни беше откажан. Ни сопштија телефонски дека нема да може да се изведе токму поради присуството на супстанцијата формалдехид во операционите сали. Иако не е итна операција, сепак кај него тоа треба да се среди, бидејќи може подоцна да има посериозни компликации и замиот зафат да биде потежок. Сега, повторно сме вознемирени, бидејќи, како што кажа министерот, тендерот за набавка на компресорска станица пропаднал бидејќи немало ниту една понуда. Не знам навистина до кога ќе чекаме, а пари за да го оперираме приватно немаме, загрижено велат родителите на 10-годишниот Стефан од Скопје.
За операција на вени повеќе месеци чека и 32-годишната Мирјана, која исто така е вознемирена поради најавите дека се уште се чека на нова компресорска станица.
-Едната нога ја оперирав во текот на зимата, другата требаше пролетва, но операцијата ми беше откажана. Да бидам искрена, во текот на летово не ни сакам да се оперирам, но не сум сигурна дека тоа ќе можам да го направам и од септември. Тендерските постапки се толку спори, што навистина не верувам дека ќе има нова компресорска станица и во септември, а особено поради тоа што на првиот тендер не се пријавил никој. Не знам што ќе правам, само се надевам дека здравствената состојба нема да ми се влоши.
Во изјавата која завчера ја даде министерот за здравство, Арбен Таравари потврди дека операционите сали во Клиничкиот центар беа затворени поради непријатна миризба.
Засега, како што рече, функционираат повеќе од половина хируршки сали во Клиничкиот центар и летниот период ќе се менаџира ситуацијата со ГОБ „8 Септември“ и со Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, која граѓаните на скопје ја знаат како поранешна Градска болница.
Тој најави нов тендер за набавка на компресорски систем за Клинички центар, иако, ккао што рече не може да каже дека некој со сигурност ќе се пријави или нема да се пријави.
-Ако не се пријави, тогаш ќе одиме на опција да побараме некој кој може да го работи и да се договориме директно – Министерството со изведувачот – изјави Таравари.
Инаку, формалдехидот уште е познат и под името метанал. Со оглед на неговата широка употреба, токсичност и нестабилност, формалдехидот претставува значителна опасност по здравјето на луѓето.
Во 2011 година, американската Национална токсиколошка програма го опиша мако канцероген за човекот. Центрите за контрола и превенција на болести го сметаат формалдехидот како системски отров. Труењето со формалдехид може да предизвика трајни промени во функциите на нервниот систем.