Сега помалку се чека за читање на заостанатите наоди, сигурно е преполовено од порано, рече денеска директорката на Институтот за радиологија д-р Сања Николова која денеска заедно со министерот за здравство Арбен Таравари ги промовираа реновираните простории на Институтот кои се наоѓаат во рамки на Хируршките клиники. Станува збор за инвестиција од околу 6 милиони денари), од кои 1,7 милиони денари се донација од Кина.
Радосни сме што може да го прославиме отворањето на реновираните простории каде што моите здравствени работиници и соработници поминуваат 18 и 24 часа дежурства. Идејата беше да се зголеми ефикасноста на просторот, да се создаде една поудбона, посветла, почиста средина со што ќе го подобриме целокупното искуство на пациентите за време на нивниот краток престој во овие простории. Идејата беше да се стимулира и кадарот кој ќе работи, да ја зголемиме ефикасноста на овој оддел и со тоа да се зголеми и квалитетот на услугата на пациентите, изјави д-р Николова.
Д-р Николова кажа дека вработите работат и втора смена, се работи за викенд, тоа е добра воља на луѓето и таа им се заблагодари за ангажманот.
Доста расчистивме од заостанатите наоди, имаме уште малку работа за да застанеме на здрави нозе и да се организираме поинаку. Во моментов не можам да ви кажам колку е чекањето, но помалку е од претходно, сигурно е преполовено. Моравме да направиме внатрешна реорганизација со постоечкиот кадар, изјави д-р Николова.
Таа кажа дека на Институтот имаат проблем со кадарот, бидејќи дел заминал во приватното здравство, а поголем дел се пензионирал, така што со постоечкиот кадар што не е доволен, тие направиле внатрешна реорганизација за да се намали чекањето на наоди.
Според министерот Таравари во Македонија помалку се чека на резултати отколку во државите во регионот, а да не зборуваме за другите европски држави, рече Таравари.
Мора да водиме сметка дека ова е системски проблем, кој е генериран со години, мора да бидеме трпеливи, да имаме разбирање. Ние сме тука за пациентите кои не само на време треба да добијат резултати, туку треба да добијат и квалитетни резултати. Кванитетот не значи ништо ако добиете неточни резултати. Соработуваме со министерството за здравство, со управата за електронско закажување, така што во периодот што следи, ќе се организиаме подобро за овој застој да не се генерира постојано, изјави д-р Николова.
Имаме неколку дописи до „Мој термин“ за проблемот кој ни настана, посебно за итните пациенти кои ни доаѓаат од Ургентниот центар. Немаме можност да влегуваме во систем и да гледаме како се тие упатени за проблемот за кој доаѓаат кај нас и да им се изврши некоја дијагностичка процедура. се надеваме дека мој термин ќе покаже слух за овој проблем, бидејќи за да се постави дијагноза потребни ни се информации кои доаѓаат од надвор, без разлика дали станува збор за лабораторија, клинички преглед или други дополнителни иследувања. се надевам дека мој термин ќе покаже слух за овој проблем.