Постојат разни видови интелигенција, а за ова се зборува постојано. Некои луѓе имаат знаење од книги и учење, други од искуство. Некои луѓе се интелигентни, други подобро ги разбираат своите емоции.

Рејмонд Кател е првиот човек кој ја разделил интелигенцијата. Во 1960-тите тој идентификувал два вида интелигенција – кристализирана и флуидна. Кристализираната интелигенција е сето она што ќе го научите и искусите во текот на животот. Флуидната интелигенција е вашата интуиција за решавање проблеми. Целта е да ги развиете и двата вида.

Иако е едноставно да ја зголемите кристализираната интелигенција со читање, учење и пробување нови работи, развивањето на флуидната интелигенција може да биде вистински предизвик. Според истражувачот Андреа Кусзевски, постојат 5 начини на коишто можете да го направите ова.

  • Размислувајте креативно

Нема подобар начин да го направите мозокот покреативен од креативното размислување. Гледајте го вашиот мозок како мускул. Како и секој мускул во телото и него му е потребно вежбање. Ова значи дека е потребно да размислувате креативно и редовно да го користите секој дел од мозокот. Кога последен пат сте слушале нова музика? Кога сте сложиле сложувалка или сте играле видео игра? Имате ли решавано загатки? Ова се разни видови проблеми кои го тераат умот да размислува во нова насока.

Кога размислувате малку поразлично од вообичаено го тренирате вашиот мозок. Ова ја зголемува вашата способност за генерирање оригинални идеи и развивање нови мисли.

  • Пронајдете нови нешта

Кога сте возрасни многу е лесно да заглавите во некоја рутина. Дури да се свестите, новогодишните одлуки сте ги одложиле за следната година. Дури и кога мислите дека имате целосна контрола над вашиот ум, рутината може да направи да паднете во некој вид транс. Односно, вашиот мозок работи автоматски додека одите до работа или работите на некој проект.

Поради ова е навистина важно да барате нови нешта. Запознајте го вашиот ум со нови активности, хобија и искуства. Ова го тера вашиот мозок да создава нови синаптички конекции во мозокот со тоа зголемувајќи ја вашата „нервна пластичност“. Колку поголема е нервната пластичност, толку повеќе можете да разбирате и да складирате нови информации.

  • Социјализирајте се

Како што се навикнуваме на рутините, ги повторуваме и истите социјални шеми. Нашите интеракции стануваат сè поограничени. Нашиот социјален круг веднаш се намалува штом завршиме факултет, стапиме во брак или добиеме работа.

Кога ќе се натерате постојано да среќавате нови луѓе и да го запознавате мозокот со нови можности и опкружувања, вашите нервни конекции ќе се зголемуваат. Ова може да биде навистина тешко за луѓето што заборавиле како да се социјализираат. Но колку потешко, толку подобро. Другите луѓе ни носат нови предизвици, а новите предизвици значат нови проблеми кои мозокот треба да ги реши.

  • Наоѓајте предизвици

Луѓето кои редовно одат во теретана знаат дека „Без болка нема резултати“. Секоја недела тие ја зголемуваат тежината на теговите, прават потешки вежби и им се восхитуваат на промените на нивното тело. Но оние кои се фокусирани на моќта на нивниот мозок не размислуваат на овој начин. Ние забораваме која е важноста на предизвиците. Без нови предизвици мозокот ќе научи да оперира без да го користи целиот потенцијал.

Во едно истражување од 2007-ма година на испитаниците им била дадена видео игра којашто ја играле во текот на неколку недели. Притоа им бил скениран мозокот. Истражувачите откриле дека испитаниците кои играле нова игра покажале зголемување на мозочната активност, односно нивниот мозок станал помоќен само со изучување на играта. Кога повторно го направиле тестот со игра која веќе ја играле, имало намалување на мозочната активност.

  • Не го одбирајте полесниот пат

Ова е нешто што веројатно најмалку сакате да го слушнете но, престанете да го одбирате полесниот пат. Модерниот свет навистина ни го олеснува животот. Софтверите за превод значат дека нема потреба да учите нов јазик. ГПС уредите значат дека нема потреба да користите мапа или истата да ја запомните. Постепено овие изуми нè спречуваат да го користиме мозокот, па тој не го добива потребниот тренинг.