Земјоделците тешко наоѓаат пласман за своите производи, а цените едвај им ги покриваат направените трошоци. Производителите на домати се жалат на слабиот пласман и ниската откупна цена, поради што родот се уште им стои на нивите, дел од млекарите од битолско велат дека не добиле субвенции веќе година и пол, а се уште не е договорена ниту откупната цена на пченицата.
Анализата на ефектите од субвенциите во земјоделството што ја изготвија експерти од Европската Унија покажува дека само 1% од малите фарми со површина под еден хектар почнале да растат, односно дека тие не ги даваат посакуваните ефекти. Тие сметаат дека Владата треба да им ги дава субвенциите на земјоделците тогаш кога им требаат и дека треба да ја зајакне контролата врз трошењето на дадените пари.
Од министерството за земјоделство инсистираат дека им ги исплатиле навреме субвенциите на млекарите. Денеска беше усвоена и интервентната мерка за дополнителни 4 денари субвенции за килограм домати за земјоделците кои до 15 јули ќе ги предадат доматите во преработувачките капацитети или регистрирани откупувачи. Признаваат дека овие мерки даваат резултати само на краток рок.
По добриот старт секна откупот на доматите, а цената од првичните 25 денари, се спушти на 10, за да падне на нула денари. Штипските земјоделци се жалат на ниските приноси на јачмен, а во некои региони ќе доцни и жетвата на пченицата. Агенцијата за стокови резерви, многу доцна, дури минатата недела најави дека ја почнала постапката за интервентен откуп на 12 илјади тони пченица како последен обид за постигнување на солидна цена на лебното жито.