Владата на Република Македонија најави дека од јануари 2019 година ќе ја укине партиципацијата за болничките здравствени услуги.
Светските искуства, како и истражувањата кои ги спроведуваат експертите на Хелтгрупер укажуваат дека ваквата мерка може да резултира со сосема спротивни ефекти од очекуваните. Конкретно, партиципацијата е механизам кој има за цел да го ограничи прекумерното (и често непотребно) лекување во болниците. Таа мерка се воведува насекаде во светот и ја користат дури и најбогатите држави како што се Германија, Јапан, САД. Кога ќе се укине партиципацијта, автоматски се очекува да се зголеми побарувањето на здравствените услуги, а тоа ќе се одрази на снабдувањето со здравствени услуги. Новата ситуација ќе ги принуди „снабдувачите“, поточно болниците, да воведат нивни рестриктивни мерки во форма на продолжено време на чекање за лекување, од причини што нема да може да одговорат на зголемената побарувачка. Поранешните истражувања на Хелтгрупер имаат документирано дека една од клучните причини поради кои пациентите се одлучуваат за лекување во приватни болници е да го скратат времето на чекање.
Преку оваа мерка која ја предлага Владата, нашите предвидувања се дека ќе се зголемат листите на чекање во државните болници, што ќе ги принуди пациентите да се лекуваат повеќе во приватното здравство. Од друга страна пак, приватните болници ќе профитираат од предложената мерка. Поточно, зголемената побарувачка на услуги ќе отвори нови пазарни можности за приватниот сектор да ги зголеми цените на услугите кои ги нуди. На тој начин, директниот резултат од укинувањето на партиципацијата всушност ќе се одрази врз џебот на граѓаните во наредните 12-24 месеци.
Ја повикуваме Владата на Република Македонија, како и Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, да ја преиспитаат оваа одлука со цел да се превенираат долгорочни штетни последици по здравствениот систем и здравјето на населението.
Хелтгрупер е подготвен да изработи дополнителни анализи кои ќе им помогнат на здравствените власти во носењето на конечната одлука.
Анализа на Хелтгрупер