Дури 33 милиони денари изнесува долгот кон јавното претпријатие „Комунална хигиена“ по основ на празнење на контејнерите и собирање на отпадот. Но и покрај ова, претпријатието излегувало и понатаму ќе излегува во пресрет за чистење на внатрешниот простор – иако тоа не е нивна надлежност, вели директорот Шабани.
Сепак, своеволните акции не се доволни. Вели, ова е системски проблем кој треба да го реши само Клинички.
- „Таму треба да се чисти секој ден. Ние можеме да имаме акции еднаш неделно или месечно, меѓутоа не е наша обврска.Имаме и еден друг проблем, односно спор во кој што Клинички центар на нас како претпријатие ни должи над 30 милиони денари, меѓутоа ние пак ако е потребно ќе излеземе во пресрет, вели Абдусамед Шабани, директор на ЈП „Комунална хигиена“.
- „Клинички центар е надлежен за решавање на овој проблем, мора да се преземат одредени мерки Клиничкиот центар да го реши проблемот. Ние како Град Скопје и Комунална хигиена секогаш ќе помагаме, но тоа нема да го реши проблемот,“ изјави Мирослав Богдановски, раководител на Инспекторат на Град Скопје.
И додека се бара начин за справување со нехигиената во овој здравствен комплекс, пациентите страдаат бидејќи буквално се шета и седи меѓу ѓубре. Кантите за отпадоци се полни до врв, миризбата е неподнослива.
Екипи и денеска во обиколка на Клиничкиот центар, но иста слика. Расфрлана хартија, пластични шишиња и остатоци од храна буквално оставени на сите страни.
Пред неколку дена од Министерството за здравство потврдија дека е предвидено секоја клиника од своите сметки да плаќа за одржување на хигиената на Клинички. Сепак, неизвесно е како ќе се изведе ова бидејќи директорите на клиниките сметаат дека овој трошок би бил само дополнителен товар.