Неописиво потресени и загрижени Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – Баланс МК има должност да ја информира јавноста дека во последнава седмица три наши дечиња, од Македонија – четиригодишно дете од Свети Николе, деветгодишно дете од Гевгелија и 14 годишно дете од Охрид – поради човечката и пред се’ докторска некомпетентност и незнаење, односно погрешно “утврдени“ дијагнози биле доведени во животозагрозувачка состојба! Трите деца имале дијабетес тип 1, но оние кои што медицински ги третирале едноставно тоа првично не го утврдиле па ги лекувале така како што ги лекувале: во моментов четиригодишното и дветгодишното дете се вон животна опасност со претуркани тешки форми на кетоацидози, додека 14 годишното дете од Охрид е се уште во кома и во тешка здравствена состојба сместено е на КАРИЛ – кома центарот за реанимација и интензивна нега при Клинички Центар . И затоа пред да продолжиме да го кажеме она што нужно ќе го кажеме околу овој стравичен случај на човечка но пред се и системска катастрофа што ја преживува секој обичен македонски граѓанин, ве замолуваме макар за миг длабоко од срцето да упатиме позитивна мисла, молитва или што и да е за спас на овие за сите нас скапоцени но за неписмениот систем и институциите очигледно наметнати жртви!
Денес, во 21 век во ерата на сеопшт техничко-технолошки развој и едукација, во Македонија се образуваат и работат, медицински лица коишто незнаат да дијагностицираат дијабетес тип 1! Денес, во ова време, кое овдешните институции и оние што раководат со нив во наше име и за наша сметка ни го опишуваат како пресудно и реформско имаме систем кој не само што атакува врз нашите социјални, економски или какви и да се перспективи, туку атакува врз нашето основно и уставно загарантирано право, правото на здравје на граѓаните, особено на децата. Не знаеме каков ќе биде конечниот епилог на оваа трагедија на нашето општествено егзистирање, иако сме сосема сигурни дека да не беше последниот бастион на нормалноста и компетентноста Детската Клиника при Клинички центар Скопје – тој сега ќе беше грозоморно извесен.
Но, затоа пак јавно со Соопштение во име на сите членови на Асоцијацијата за детски дијабетес Баланс Мк, во име на сите деца во Македонија со дијабетес тип 1 објавуваме дека ќе тргнеме во безпоштедна борба со сета неписменост за оваа воопшто неретка болест – па драги наши, во Македонија 180.000 лица боледуваат од дијабетес а ние не знаеме што е дијабетес, ниту ја препознаваме неговата симптоматологија!?! Страшно!
Бараме Министерството за здравство во рок од 48 часа да го истражи случајот и сите одговорни за трагедијата со трите деца да бидат соодветно нормативно процесуирани, вклучително и кривично.
Бараме медицинската фела, конечно и неотповикливо, наместо лигавеење пред политичко-бизнисменските номенклоатури да се дигне во одбрана на сопствениот човечки и стручен интегритет, но и во одбреана на јавното здравје, оти ако сами за себе еднаш засекогаш некажат дека се луѓе а не мивки, тогаш нека не очекуваат дека тие што им даваат плата ќе ги третираат поинаку. Или дека граѓаните ќе треба тоа да им го верификуваат.
Бараме сите пациентски организации, ама и сите родители, да станат во одбрана на правото на децата за квалитетна здравствена заштита и грижа. Во зловреме само солидарноста, заедништвото, и одлучноста може да не спасат.
соопштението е пренесено во целост