Ново истражување покажа дека луѓето кои пијат кафе и чај имаат помал ризик од аритмија на срцето, како и дека овие популарни пијалаци можат да им бидат од корист на лицата кои имаат проблеми со срцето.

Истражувањето покажа дека консумирањето на пијалаци како што се кафе и чај, кои содржат кофеин, го намалува ризикот од аритмија, односно од абнормален ритам на срцето.

Сепак, научниците предупредија дека лицата кои веќе имаат проблеми со срце не треба да консумираат пијалаци кои содржат високо ниво на кофеин.

Аритмијата доведува до забрзана, забавена или неизедначена работа на срцето.

„Во народот се верува дека кофеинот ги предизвикува проблемите со ритамот на срцето. Ние заклучивме дека тоа не е така“, изјави доктор Петер Кистлер од болницата Алфред во Австралија.

 

Научниците анализираа 11 големи меѓународни истражувања во кои учествуваа околу 360.000 луѓе, а заклучија дека кофеинот нема негативни ефекти на аритмијата.

Анализите покажаа дека внесувањето до 300 милиграми кофеин дневно е безбедно за пациенти кои имаат аритмија, што е еднакво на три шолји кафе.

„Пијалаците со кофеин како што се кафе и чај можат да имаат долготраен ефект против аритмија. Пациентите кои редовно консумираат кафе и чај во нормални количини имаат помал ризик од создавање на проблеми со ритамот на работа на срцето“, додаваат научниците.