Општина Маврово и Ростуше во согласност со Програмата за здравствена, социјална заштита и заштита на деца на секое новородено дете, чии родители се со постојано живеалиште во Општината ќе доделува еднократен паричен надоместок во висина од 5.000 денари.
– За оваа цел Советот на општината деновиве донесе едногласна одлука со важност од 1 јануари годинава. Во просек годишно во нашата општина има 80 до 90 новороденчиња, вели Фикрет Ибраими, портпарол на општина Маврово и Ростуше.
Посочи дека еднократна парична помош ќе се доделува само за новороденчиња на семејства кои живеат постојано на територијата на општината Маврово и Ростуше, а не и на семејствата кои потекнуваат од овој крај, а живеат и работат во странство или во друга општина.
Досега, се пристигнати девет барања за надоместок.
– Со оваа акција, општина Маврово и Ростуше своето внимание го насочува не само кон родителите, туку и кон најмладите жители на Општината, укажувајќи на нивната важност како идни граѓани кои ќе придонесуваат за развојот на заедницата, вели Ибраими.
Општината Маврово и Ростуше опфаќа 35 населени места, дел од нив се целосно исселени, а согласно последниот попис од 2002 година спроведен од страна на Државниот завод за статистика на Република Македонија има вкупно население од 8.618 жители.
Пред миграцискиот бран кој општината ја зафати по деведесеттите години од минатиот век бројот на населението бил двапати поголем. Една цела, ако не и побројна заедница на жители од оваа општина се во Германија, Швајцарија и Италија. Дел од поранешните жители на оваа општина мигрирале во Гостивар,Тетово и Скопје.