Контроверзните онлајн игри кои на децата и тинејџерите им задаваат опасни предизвици, за кои слушавме дека се појавиле во Русија, Аргентина, Мексико, САД, во земјите на Јужна Америка, а се проширија во Франција, Германија и во другите европски држави, стигнаа и кај нас. Психотерапевтот Ивана Хаџиванова преку социјалните мрежи упати апел до сите родители на мали деца да внимаваат и строго да ги контролираат содржините кои ги гледаат децата на Јутјуб, бидејќи три деца веќе побарале стручна помош од неа за да ги надминат последиците од времето минато со телефон и таблет. Трите дечиња биле “заразени” со контроверзната онлајн игра – “Грени (бабичка)” и „Момо”, кои се распространети преку апликацијата Ватсап.
– Веќе трето детенце доаѓа кај мене за третман на интензивен генерализиран страв, страв од смрт на родителите, вознемиреност, загриженост, сепарациона анксиозност, опсесивна мисла врзана за ликовите од играта, кошмари и регресивно однесување поради овие игри! Децата кои претходно не се плашеле да спијат сами и се движеле во темница, сега се плашат. Бараат да спијат со своите родители и се во константен страв и исчекување дека од некој ќош од куќата ќе бидат нападнати од виртуелните ликови од овие крајно несоодветни хорор игри за детска возраст.
Како што е познато Момо е слична игра како и „Синиот кит”, поради која неколку стотици деца во светот, извршија самоубиство. Имено, приказната почнува со контакт со “Момо”, женски лик со застрашувачки изглед, со крупни очи, за која се смета дека е инспирирана од хорор куклата на јапонскиот уметник Мидори Хајаши, кој формално нема никаква врска со играта. Децата откако ќе контактираат со “Момо”, добиваат серија предизвици, а доколку тие одбијат, следи казна и добиваат заканувачки и вознемирувачки телефонски пораки и фотографии. Децата добиваат пораки за остварување на предизвик од типот “Убиј ги своите родители” или се наведуваат на самоубиство.
Британскиот таблоид Дејли мејл пренел и наводно интервју кое креаторот на играта “Син кит#, 21-годишниот Русин Филип Будејкин го дал за руските медиуми. Тој во тоа интервју наводно вели дека неговите жртви се “биолошки отпад” и дека истите биле “среќни што ќе умрат” и дека на овој начин тој едноставно го “прочистувал општеството од отпадот”.
– Не грижете се, сето тоа ќе го сфатите. Тие умираа среќни. Јас им го дадов она што им требаше во реалниот живот, топлина, разбирање и поврзаност, пренесува “Дејли мејл”.
Хаџиванова вели дека за да се заштитат децата, со нив треба да биде изграден пријателски и отворен однос во којшто би можело слободно да се разговара на било која тема, слободно и без предрасуди. Тоа подразбира родителите да посветуваат доволно време и да негуваат добра комуникација со своите деца, посебно оние кои се во тинејџерска фаза.