На Клиниката за гинекологија и акушерство, како и Специјалната болница за гинекологија и акушерство во Чаир или позната како Гинекологија Чаир за новороденчињата нема вакцина против хепатит. Тоа е вакцина што на новороденчињата им се става непосредно по раѓањето или најмногу по четири до пет часа. Педијатрите реагираат дека доколку продолжи ваква состојба или да нема вакцини за хепатит можна е епидемија на жолтица во двете најголеми родилишта во Скопје.
Граѓаните се жалат дека лекарите им велат да си ги набават сами.
-Жена ми се породи пред два дена и ми рекоа дека нема вакцина против хепатит. Претходно никој не ми кажа дека треба да набавам вакцина, вели загрижен родител.
Како што говори тој, на неговата сопруга друга родилка и рекла дека неа и кажале пред породувањето за да си ја набават сами.
-Кога ја барав по аптеките во земјава ми рекоа дека ја немаат. Навистина не знам каде да одам, а не сум во состојба да заминам веднаш во некоја од државите од соседството. Среќа имам роднини па ми ја испратија, сведочи родителот.
Но, педијатрите предупредуваат дека не може вакцината да се зема така од државите во соседството бидејќи таа се чува, а и транспортира во посебнои услови или во посебно фрижидерче. Надлежните пак не реагираат на прашањето дали е ова точна информација и ако е зошто снемало вакцина. Одговор нема ниту од министерството за здравство, ниту од првите луѓе на двете клиники во Скопје каде се вршат пораѓаи.