Според последните информации на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во земјава нема африканска чума иако појава на болеста е регистрирана во Бугарија и Србија, а од неодамна се појави и во Грција.
Директорите на агенциите за ветеринарство на Бугарија и Србија, професори од факултетите за ветеринарна медицина и за земјоделски науки и храна, како и одгледувачи на свињи, утре ќе одржат заедничка средба во Скопје на која главна тема ќе биде африканската свинска чума.
Како што вели претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев кој информира за средбата, состојбата кај нас засега е добра, болеста не е присутна, но мора да бидеме многу претпазливи.
– Утре ќе продискутираме за фактичката состојба која, генерално, кај нас е добра. Ние, сепак, имаме забелешки во однос на превентивните мерки што се преземаат. Депопулацијата на свињите не се спроведува, акцијата е прекината. Надлежените не го усвоија нашиот предлог ловот на дивите свињи да продолжи уште два месеца. Сега, практично, се оди само со зголемување на биосигурносните мерки на фармите – истакнува Шаклев.
Само за потсетување африканска чума кај свињите е вирусно заболување кај домашните и дивите свињи кај сите старосни категории и предизвикува големи економски загуби. Африканската чума кај свињите не се лекува, а луѓето не се приемчиви на вирусот и болеста.