Иако многу претходни студии докажаа дека умереното внесување на кафе придонесува за нашето здравје и нема да предизвика големи штети, ново истражување откри дека пиењето три или повеќе шолји кафе дневно може сериозно да ги оштети бубрезите.

Истражувањето, чии резултати се објавени во списанието „JAMA Network Open“, опфатило 1.180 возрасни лица на возраст од 18 до 45 години кои имале нелечена хипертензија од прв степен, односно висок крвен притисок. Иако студијата траела приближно 16 години, секој од учесниците бил проверуван за време на следењето во растојание од седум и пол години.

Во тоа време, оние кои стојат зад студијата внимавале на хиперфилтрација (стапка на гломеруларна филтрација која се смета за повисока од нормалната), албуминурија (премногу албумин во урината) и хипертензија, кои сите се вообичаени знаци на бубрежна дисфункција и бубрежна болест.

Додека ги проучувале резултатите, научниците најпрво забележале дека варијантата rs762551 на генот CYP1A2 е присутна кај околу 50 проценти од учесниците, што значи дека нивните тела не го метаболизираат кофеинот толку брзо како што обично би го направиле.

Тие исто така откриле дека оние кои побавно го метаболизираат кофеинот имаат 2,7 пати поголема веројатност да развијат бубрежна дисфункција ако пијат три шолји кафе или повеќе секој ден. Поточно, тие имале 2,5 пати поголема веројатност да имаат хиперфилтрација, 2,7 пати поголема веројатност да развијат албуминурија и 2,8 пати поголема веројатност да доживеат хипертензија.

– Оваа студија покажува дека кафето, доколку се консумира прекумерно, може сериозно да ги оштети бубрезите, предупредува д-р Сара Махдави, истражувач од Одделот за социјална и семејна медицина на Универзитетот во Торонто, која е и главна авторка на споменатото истражување.