Фармацевтската компанија „Алкалоид“ со реакција до јавноста за појавата на фалсификат средства за дезинфекција на нејзините производи „Екосал“ и „Дезинтал“ на пазарот.
„Aпелираме на внимание, бидејќи фалсификуваните производи не ги исполнуваат стандардите за квалитет, при што би можело да дојде до несакани дејства врз безбедноста и здравјето на купувачите. Исто така, се доведува во прашање и ефикасноста на овие производи од исклучителна важност во актуелната ситуација“, се вели во соопштението на „Алкалоид“.
Од компанијата посочуваат и како да се препознаат оригиналните производи за кои гарантираат квалитет и безбедно користење.
„На етикетите секогаш стои логото на „Алкалоид“, како и на „Екосал“ и „Дезинтал“ кои се гаранција за оригиналното потекло на производите и за преземените мерки за нивна регистрација во соглчасност со важечките регулативи. Како производител е секогаш назначен „Алкалоид“ што подразбира дека производите се произведуваат и се полнат во контролирани услови. Производот „Екосал“ се полни во пакување од 500 милилитри, со затворање соодветно на типот на производот – антисептик, додека фалсификуваното пакување е од 1.000 милилитри, какво што досега не е пласирано на пазарот од „Алкалоид“. Производите одат со соодветно упатство за употреба за кое гарантираме само доколку се произведени и спакувани во фабричките погони на „Алкалоид“, стои во дописот на фармацевтскиот гигант.