Наезда на комарци. Здодевните инсекти предизвикуваат отоци по целото тело кај голем број на граѓани, кои ги обвинуваат градските власти за доцнењето на аерозапрашувањето кое ги наполни амбулантите.

Скопјани велат дека има голем број на инсекти од кои не успеваат да ги заштитат децата кои се најранливи на убоди од комарците и кај кои има бурна кожна реакција.

Во текот на претходните години, првото прскање против комарци се вршеше во месец април. Причините за доцнењето, како што појасни градоначалникот Шилегов, е испитување на токсичноста на препаратите. Тој појасни дека веќе е започнато прскањето по земја.

Лекарите велат дека периодов има зголемен број на пациенти, кои доаѓаат во ординациите и со по триесет убоди од комарци.

Не постои начин целосно да се заштитиме од инсектите, бидејќи препаратите против комарци кои се употребуваат, брзо испаруваат, а не смее постојано да се нанесуваат на кожата.