Треба да учиш? Повлечи за енергија…, Ваков леток со примерок од две капсули бесплатно е делен низ кампусот на УКИМ. Според информациите на флаерот, со консумирање на една таблета исчезнува уморот и максимално се зголемува концентрацијата. Дејството трае до 4 часа.

Додека родителите на социјалните мрежи кренаа паника дека на нивните деца им се делат непознати апчиња, дел од студентите воопшто не беа запознаени што се делело на кампусот, додека тие што беа запознаени посочија дека биле исплашени да пробаат: Што се нуди и кој остава вакви примероци на фрекфентни локации како студентски кампуси, без при тоа никој да не знае кој го сторил нештото, нели секаде има камери? Кои се виновниците? Беа поставените прашања од студентите.

Во разговор со дел од студентите посочија дека се шпекулира ова може да е акција на некоја невладина организација, која сака да помогне на студентите за да може да бидат пофокусирани и да им помогне во учењето и усвојувањето на нови знаења. Дали е тоа вистинската причина или се крие нешто друго во позадина? Кој си поигрува со студентската младина во државата? Има ли некој одговорен кој ќе превземе мерки за ова да не се повтори? Ако се знае кој е виновникот кои се санкциите за вакво однесување?

По социјалните мрежи проструија повеќе вакви прашања од загрижени родители и студенти, со надеж дека некој од одговорните институции во државата, како МВР, ќе превземат нешто, ќе ги испитаат ситуациите, камерите, ќе ги прегледаат информациите до кои ќе дојдат и дека надлежните ќе изреагираат по однос на оваа ситуација!

Дали Филипче ќе излезе со став по однос на ова прашање и прес конференција да објасни за какви апчиња станува збор, со каков состав и како тоа би влијаело на организмот на еден млад човек, бидејќи како Министерство за здравство се најкомпетентни во овој дел да дадат мнение, став, изјава. Дали тоа ќе се случи? Дали некој ќе се загрижи за македонската младина, студентите и ќе застане на нивна страна?

Никој не се одважи и не најде за сходно да излезе со став или изјава по однос на тоа што се случило на УКИМ во текот на вчерашниот ден, но затоа пак по социјалните мрежи наидовме на информации дека станува збор за лоша кампања за промоција на лек за концентрација, кој е суплемент и се користи како додаток во исхраната, наводно ја зголемува концентрацијата и е регистриран лек кој може да се најде во аптеките низ државата?

Станува збор за лекот Вигорикс Интенс, во форма на капсули кои вчера биле делени тајно и без предупредување или објаснување на студентите на УКИМ. Па, наместо да се има извинување или некакво соопштение од компанијата која ги застапува, преставува или увезува овие лекови на социјалните мрежи наидовме на дрски коментари од типот, „ве молам кога немате информација точна, немојте да ширите лаги“, дека тоа се проверени регистрирани лекови и тн. Дел од активните студенти на социјалните мрежи успеаа да го пронајдат и составот на овие капсули за кои се шпекулира во јавноста дека се истите што се делени на УКИМ на студентите?

Според составот една капсула содржи:

  • 110,6 mg кофеин, 100 mg екстракт од корен на жен-шен (Panax ginseng, 20% гинсенозиди), 87,5 mg екстракт од семе на гварана (Paullinia cupana), 18 mg никотинамид (витамин Б3), 6 µg цијанокобаламин (витамин Б12) и 1,5 mg пиридоксин хидрохлорид (витамин Б6). Други состојки: пченкарен скроб, магнезиум стеарат; желатин и титан диоксид (E171).

Дејство:

ВИГОРИКС ИНТЕНС капсулите содржат микроинкапсулиран кофеин со продолжено ослободување (Newcaff™), екстракт од корен на жен-шен (Panax ginseng), екстракт од семе на гуарана (Paullinia cupana), никотинамид (витамин Б3), цијанокобаламин (витамин Б12) и пиридоксин хидрохлорид (витамин Б6).

  • придонесуваат за нормален енергетски метаболизам
  • намалуваат замор и исцрпеност
  • поволно влијаат на нормална функција на нервниот систем
  • допринесуваат за нормална психолошка функција
  • ја регулираат хормоналната активност
  • влијаат на нормализација на метаболизмот на протеините и гликогенот
  • допринесуваат за нормалнo формирање на црвени крвни клетки
  • допринесуваат за нормално функционирање на имунолошкиот систем
  • допринесуваат за нормален метаболизам на хoмоцистеинот

Дали со ова се прикрива вистината позади делените капсули на студентите на УКИМ? Дали ова е уште еден неуспешен обид на одредени структури да се заплаши и дефокусира од реалните проблеми народот, граѓаните, преку нивните деца, преку младината? Или сето ова е навистина само една лоша кампања за презентација на одреден суплемент? Граѓаните сами треба да одлучат, студентите да внимаваат а надлежните повеќе да обрнуват внимание на  едукативните центри и институции каде се движат студентите и што е тоа што се случува во нивното опкружување!