Поранешниот заменик-министер за здравство Асим Муса кој се повлече од функцијата по објавување на снимка на која наводно тој договара земање поткуп, од понеделник почнува да работи на Клиниката за урологија во Скопје, наместо во Заводот за нефрологија од каде дојде во министерството за здравство. Од Министерство за здравство не одговараат на прашањето кога е направено ова преземање, а директорот на Клиниката за урологија Сашо Дохчев објаснува дека Муса е искусен лекар и дека треба да биде онаму каде му е местото.
Спогодбите за преземање на работници од една во друга јавна здравствена установа ги потпишува министерот за здравство Венко Филипе, но од министерството нема никаков коментар за овој случај.
На една телевизиска станица беше објавена снимка во која се тврди дека Муса барал мито за да направи операција на пациент од Албанија во земјава. На снимката тој зема и „гаранција” од 50 евра дека договореното ќе се реализира. Во прилогот се тврди дека истражувањето кое траело три месеци ги открива договарањата што ги прави заменик-министерот во болничките простории на струшката болница.
Муса ги отфрли овие обвинувања и на прес-конференција најави дека ќе се повлече од функцијата.
„Имав чест како заменик-министер за здравство да им служам на граѓаните и нема да дозволам да бидам дел од оваа медиумска бомба”, рече Муса кој е заменик-министер 18 месеци, а пред тоа три години беше директор на Општата болница во Струга и на болницата за нефрологија.
Тој на прес-конференцијата во Владата рече дека над дваесет и три години е во служба на граѓаните и општеството и дека никогаш не се поштедил ниту себе ниту семејството и дека ова е обид преку медиумска пропаганда да му се наруши угледот.
Струшкото обвинителство соопшти дека ќе ги истражува наводите за мито на заменик министерот Муса.