Има ли некој во македонското здравство да каже или барем да даде некој знак, што точно се случува, реагира потпретседателот на ГДУ, Енсер Јусуфоски. Тој додава дека  граѓаните останаа без зборови и збунети од некои постапки и мерки објавени и превземени од страна на министерството за здравство.

– Нема ни трага ни глас од поевтинувањето на лековите, уште потешко стана снабдувањето со лекови за осигурениците на фондот за здравство, проблемот со вакцинациите излезе од контрола, па родителите станаа уште поголеми скептици кон најдобриот лек превенцијата бидејќи министерот и неговиот заменик се изгубија во преводот и контекстот. Како последица на тоа министерот реши да вработи уште двајца нови советници без да ја образложи нивната потреба, како и наместо да ги решава наталожените проблеми како плати за сите специјализанти, плати за дежурства за специјализантите иднината на македонското здравство. И онака малата надеж што ја имаа сите речиси исчезна во мракот – вели Енсер Јусуфоски, потпредседател на ГДУ.

Според него, наместо да се работи темелно и плански се работи хаотично и моментално почнувајќи од министерството, па до матичните лекари и обратно.

 – Лекарската комора е како нем набљудувач кој тивко го одобрува деградирањето на лекарската фела и во моментот само наплаќа членарина и си дели дневници на најразлични нефункционални тела и комисии. Од 2006 година, па наваму речиси еден милиметар нема застанато зад лекарите освен што издава потврди на колегите кои едвај чекаат да си заминат од ова лудило. Наместо да ги застапува и штити правата на лекарите речиси се безгласни кон другите, државни институции кои треба да ги спроведат правата на лекарите -вели Јусуфоски.