Бесплатно мерење очен притисок во центарот на Скопје се реализира попладнево по повод Светскиот ден на глаукомот. Професионални офталмолози и обучени медицински сестри им мерат очен притисок на лица од сите возрасти, со цел подигнување на свесноста за навремено откривање на глаукомот.
Како што беше нагласено, станува збор за сериозна офталмолошка болест и ако не се третира, може да доведе до слепило, а најчест причинител е покачениот очен притисок. Особено треба да се има предвид дека глаукомот не покажува знаци и симптоми во почетокот, па токму затоа најдобар начин за откривање на ова болест е скринингот и превенцијата.
Еден од приоритетите на Министерството за здравство е зајакнување на специјалистичките области на долг рок, со обезбедување соодветни специјализации за јавните здравствени установи.
Конкретно за офталмологија како една сензитивна специјалност, со Програмата на Министерството за специјализации и супспецијализации обезбедени се над 30 специјализации во оваа област за повеќе установи, а најголем број за Клиниката за очни болести, Општа болница Струга, Здравствен дом Скопје, Клиничка болница Битола и други.
Ова се специјализации што се реализираат во овој четиригодишен период, од 2023 – 2026 година. Тоа значи долгорочно зајакнување на офталмологијата во повеќе установи низ земјата, што значи и доближување на овие здравствени услуги поблиску до местото на живеење на граѓаните, беше нагласено на денешниот настан.
Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири во изјава за медиуми апелираше за важноста на навременото откривање на глаукомот преку превентивните прегледи. Тој упати благодарност за поддршката до Клиниката за очни болести, како референтен центар за лекување на најтешките и најкомплицирани болести и состојби на очите.
На прашање од МИА, доцент доктор Ирина Богданова информираше дека преку 200 прегледи биле реализирани од утрово.
– Акцијата ќе продолжи во другите градови низ државата. Утре во Битола, во среда на ред е Тетово, Куманово во четврток, а Штип во петок. Истата акција, бесплатно мерење. Интересот е многу голем. Драго ми е што луѓето се запознаваат со болеста, има голем дел и што не слушнале дека оваа болест постои. Треба да се зголеми свеста, баш и заради тоа ја правиме оваа акција, подвлече Богданова.
Таа кажа оти и изработени се флаери со податоци околу заболувањето, колку често треба да се оди на преглед, како да се врши скринингот и слично.
– Апелираме на редовни офталмолошки прегледи. Барем еднаш во годината, прегледите да бидат рутински. Луѓето да не се јавуваат кај офталмолог само кога имаат потреба, туку еднаш во годината да бидат рутински прегледани. Ќе се бориме мерењето на очниот притисок да се воведе во систематските прегледи. Како што се мери крвен притисок секоја година, да се мери и очен, истакна Богданова