Експертите предупредуваат дека многу возачи не се свесни дека лековите против настинка може да предизвикаат вртоглавица.
Зимата е во полн ек, а некои возачи можеби го прекршуваат законот и без да се свесни за тоа. Оние кои земаат лекови против настинка и грип мора да бидат особено внимателни во сообраќајот, пишува „Дејли стар“.
Експертите за автомобилизам на Quotezone.co.uk издадоа предупредување до возачите да не земаат никакви лекови кои би можеле да влијаат на нивната способност за возење. Некои лекови во зима може да предизвикаат сонливост и да го загрозат вашиот живот. Како што температурата паѓа, многу луѓе заболуваат од грип или настинка. Меѓутоа, некои возачи можеби не знаат дека некои лекови може да имаат несакани ефекти.
Експертите предупредуваат дека многу возачи не се свесни дека лековите против настинка може да предизвикаат вртоглавица, сонливост, нарушено расудување и побавно време на реакција, а оние кои земаат такви лекови се советуваат да избегнуваат возење или управување со какво било возило.
– Можеби не мислите дека земањето таблети против настинка и грип може да доведе до казна, но многу вообичаени лекови имаат состојки кои можат да ве направат сонливи – вели Грег Вилсон, основач и главен извршен директор на Quotezone.co.uk.
Тој додал дека „ако не се чувствувате добро, проверете дали тоа што го земате ќе ве направи сонливи или ќе ви предизвика вртоглавици или дали има некакви несакани ефекти кои би можеле да влијаат на вашата способност за возење, како што се заматен вид или бавни реакции“.
– Сите ние понекогаш се чувствуваме како да немаме време да бидеме болни, животите се премногу зафатени, но возењето кога сте болни може да биде опасно. Дури и ако сте навикнати да земате лекови и тоа претходно не влијаело на вашето возење, ако ве запре полиција или сте вмешани во сообраќајна несреќа, а вашиот лек има предупредување да не ракувате со тешки машини, веројатно ќе платите казна. Најбезбедно е да избегнувате возење, да се одморите и да не ризикувате – истакнал експертот.