Ситуацијата и понатаму е загрижувачка бидејќи во изминатиот ден  до 13 часот во Клиниката за инфективни болести во Скопје се примени уште седум деца од двегодишна возраст,  заболени од морбили.

Сите деца се на возраст од две години и сите се од населбата Ново Лисиче од Скопје и ја посетувале градинката „Сонце“. За сите нови пријавени случаи се чека лабораториска потврда. Од 16 декември до денес на Клиниката за инфективни болести вкупно биле хоспитализирани 22 лица, од кои 13 се сè уште во болница, а останатите девет се на домашно лекување.

Од Министерството за здравство велат дека до сега се вакцинирани 1692 лица, а само денеска до 13 часот се вакцинирале 85 лица.  Движењето кое е против одлуката на властите, не вакцинираните деца да не се примат во градинки, за денеска најавија протест пред Министерството за здравство. Но протестот беше откажан. На протестот одржан пред една недела побараа да се прифати нивното барање за невакцинирање на децата и тие да бидат примени во градинките.