Во домашна изолација се вкупно четворица здравствени работници од Кожното одделение во Клиничката болница во Штип, писмено денеска информираа директорите на таа јавна здравствена установа и на Центарот за јавно здравје, Ален Георгиев и Марија Димитрова.

Во соопштението се наведува дека лекарките присуствувале на симпозиумот во текот на викендот на кој бил присутна и директорката на Клиниката за кожни болести во Скопје за која е потврдено дека е позитивна на тестот за коронавирус.

– Веднаш се преземени сите превентивни мерки согласно препораките на Комисијата за заразни болести. Лекарките се епидемиолошки анкетирани и со решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат се ставени под здравствен надзор и домашна изолација. Направена е дезинфекција на амбулантата и Одделот за дерматовенерологија во Клиничка болница Штип, се вели во соопштението доставено до медиумите.

Во него се наведува дека до следните препораки од Комисијата за заразни болести прегледите и хоспитализацијата на Кожното одделение во Штип се стопирани. Надлежните од Центарот за јавно здравје во Штип информираат дека им е најавено од страна на епидемиолозите од Кочани дека во изолациска болничка соба на Инфективното одделение треба да се донесе маж кој има сомнителни симптоми и на кого треба да се направи тест.

Двајцата директори велат дека сите информации и препораки ги соопштува министерот за здравство Венко Филипче и како надлежни институции се во постојана комуникација со него и со Комисијата за заразни болести.