Доктор Андон Чибишев во вчерашното гостување наедна од нашите познати тв куќи истакна дека модуларните болници не се капацитети во кои може да се пружа интензивна медицинска нега. Тој посочи дека водењето на пациент на респираторна машина е цела наука, а истовремено го постави и прашањето зошто ние како држава, како здравствен систем се ослонивме на модуларните болници?

– Јас сметам дека модуларните болници не се капацитети во кои може да се пружа интензивна медицинска нега. И требаше од почетокот на пандемијата од февруари-март 2020-та до денес, имаме 4 брана, меѓу брановите кога имавме одредено смирување на епидемиолошката ситуација, требаше да мислат надлежните како да се зголемат инфраструктурно капацитетите. Како да се зголеми стручниот кадар затоа што ние немавме ни доволно инфектолози, ниту луѓе кои се оспособени да третираат такви тешки пациенти, поставени на респираторна машина, рече Чибишев.

Докторот посочи и дека доколку постапевме поинаку ќе имавме помалку штета и помалку загубени животи.

-Можевме млади доктори да пуштиме на некој интензивен курс, барем колку-толку да ги едуцираме да водат пациенти. Со тоа мислам дека ситуацијата ќе беше многу подобра и ќе имавме помалку штета и помалку изгубени животи, истакна тој.