Телесните инвалиди во Македонија и натаму водат битка за остварување на нивните основни права. По голем број кампањи, конвенции и законски регулативи, велат се невидливи за општеството. Најголем проблем се архитектонските бариери, но и ниската свест на заедницата.
„Од возила не можеме да врвиме. Пред некој ден на пристапна рампа имаше паркирана кола, а полицијата тука. Му велам на полицаецот ова е место за нас, а тој вели има несовесни граѓани. Ако се граѓаните несовесни, вие бидете совесни, казнете ги“ кажа Томе Георгиевски, лице со телесен инвалидитет.
„Болницата ми е достапна, но други места не. Не можам да влезам во аптека, ниту пак кај матичниот лекар, нема приод за нас“ изјави Олга Огненовска.
„Потребно е менување на свеста на средината за лицата со инвалидност, тие како еднакви субјекти да бидат препознаени во ова општество и да оди процесот од институционална грижа до грижата на заедницата“ кажа Нико Јанков, претседател на „Мобилност“ – Битола
„Ако порано се сметаше дека архитектонските бариери се најголемиот проблем, сега е се повеќе човековиот ум како бариера, односно разбирањето на потребата да им се помогне на лицата со инвалидитет, бидејќи тоа не треба да биде потреба туку култура на однесување“ кажа проф. д-р Марјан Танушевски, професор по менаџерско лобирање.
Градоначалничката Наташа Петровска, рече дека нејзината заложба ќе биде локалната самоуправа да ги подигне капацитетите на повисоко ниво кога станува збор за мобилноста на лицата со телесен инвалидитет.
Најверојатно станува збор за уште едно празно ветување дадено од локалната самоуправа само да се улизуваат на маргинилизираните категории на граѓани во овој случај, да ја придобијат јавноста на нивна страна, а при тоа не правејќи ништо, граѓаните не веруваат дека нешто ќе се смени со ваквиот став на општеството спрема нив, полицијата не би смеела така да одговара ако нема подршка од власта, тоа е взаемно поради тоа и се случуваат вакви работи. – коментираат граѓани.