Барањето за породилно отсуство од 12 месеци повторно се враќа во игра. Ваквото барање, не е новина, претходно беше побарано сега повторно го актуелизира Сојузот на синдикатите на Македонија кој на последните преговори со Владата и работодавачите го посочи како барање, кое треба да влезе во новиот закон за работни односи, кој треба да биде готов до крајот на годинава.
На разговорите на сојузот на синдикати покрај ова барање, се споменале и други варијанти. Едно од нив е доколку мајката има близначиња, времетраењето на породилното отсуство да се зголеми на 18 месеци, односно година и половина. Било разговарано и за евентуална можност за одреден период отсуство и за татковците.
За дел од бизнисмените, синдикалните барања се неразбирливи за едно модерно време какво што е денешното.
Имено, работодавачите се на став дека породилно отсуство од една година е добро од аспект на демографските политики, но прашањето е како, во одредени дејности каде многу брзо напредува дигитализацијата и технологијата, ќе изгледа враќањето на некој што бил отсутен цела година, и кој ќе биде целосно аут од новите технолошки процеси.
Двете страни немаат уште долг период да ги испеглаат своите ставови.
А породилно отсуство од 12 месеци не е нова тема. Таков предлог закон пред извесен период поднесоа група пратеници, но тој не беше прифатлив за мнозинството.