На сите деца на возраст од една до девет години кои живеат во Лондон ќе им биде понудена вакцина против детска парализа откако вирусот од февруари е 116 пати откриен во канализацијата. Со итната кампања за имунизација ќе бидат опфатени речиси еден милион деца, а родителите и старателите ќе бидат контактирани од нивниот општ лекар во текот на следниот месец.
Во Велика Британија детската парализа се смета за болест од минатото откако во 2003 година Европа беше прогласена за континент без полио.
Примероците откриени во канализацијата на Лондон укажуваат дека вирусот е поврзан со вакцина против детска парализа што се користи во други земји. Односно делови од светот кои сè уште се справуваат со епидемии на детска парализа ја даваат оралната вакцина против полио, што е безбедна, но користи жив вирус. Тоа дава голем имунитет, но има потенцијал да се шири од човек на човек во области каде не се заштитени поголем број луѓе. Исто така безбедната форма на вирусот што се користи во вакцината може да мутира и да еволуира додека повторно не доведе до парализа.
Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (УКХСА) соопшти дека повеќето од откриените примероци се безбедна форма на вакцина против полио, но „неколку“ мутирале доволно за да бидат опасни.
Според Светска здравствена организација (СЗО) една од 200 инфекции со полио предизвикува парализа. Од пет до 10 проценти од парализираните умираат по парализирање на мускулите за дишење. Не постои официјален третман за полио. Парализата предизвикана од полио може да се третира со физикална терапија.