Денес се одбележува Меѓународниот ден на свесноста за аутизмот

Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) и Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет” денеска ќе го одбележат 2 април, Светскиот…

Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) и Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет” денеска ќе го одбележат 2 април, Светскиот ден на аутизмот.

По тој повод МНЗА во Кинотеката организира настан насловен „Дружење, дружење и само дружење“. Ќе биде прикажан и филмот „Стела“. Од МНЗА посочуваат дека годинава повторно се вклучиле и во онлајн кампања на Аутизам Европа што се спроведува ширум Европа, а е наречена „Среќно патување низ животот“ за да се нагласи дека е потребен холистички пристап во текот на целиот животен век и за да се осигуриме дека лицата со аутизам можат да ги уживаат своите права и да живеат среќни и исполнети животи.

– Се проценува дека седум милиони луѓе се во спектарот на аутизам во Европската унија. Повеќето од нив доживуваат дискриминација во многу области од животот. Кампањата „Среќно патување низ животот“ има за цел да ги истакне грижите и желбите на лицата со аутизам и нивните семејства во однос на различни клучни прашања како што се пристап до образование, вработување, соодветна поддршка за инклузија, самостоен живот, пристапност и политичко учество, меѓу другите. Оваа недела на нашите социјални медиуми Фејсбук, Твитер, Линкедин, Инстаграм беа споделени многу банери и постери со интересна содржина. Луѓето кои сакаат да ја подржат кампањата можат слободно да ги споделуваат овие пораки користејќи го хаштагот #AutismDay2022, информираат од МНЗА.

Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет” по повод Светскиот ден на аутизмот организира настан во Зоолошката Градина – Скопје. Во програмата, како што информираат од Здружението, освен едукативниот дел ќе има и забава за најмладите, проследена со интересна програма во која се вклучија децата од Златно Славејче, танцовото студио Еурека, зумба со Ирена Лозана, тетарска претстава со уличните акробати и жонглери од ФАЗБАБЛ, куклено мега шоу со Валентино и откачениот пантомимичар Мето.

Целта е подигнување на свесноста за аутизмот и годинава е 10-то одбележување на овој значаен ден. Затоа годинава во подготовка и реализација се вклучија и Здружение на родители на деца и возрасни со аутизам и сродни состојби „Сплотени срца” – Штип, Здружение на граѓани за едукација, инклузија и ран третман на лица со посебни потреби, невладина организација „Боиме сино – Илинден“, Маргарет Курт Талеска од Здружението „Куќа на среќата“ и Ирена Лозана од компанијата „Смартер Гаиа“ иницијатори и организатори на проектот Сончогледи кон сонцето за видлива и невидлива попреченост под мотото „Разбери, прифати, сакај…создади инклузивна свесност…, посочуваат од Здружението.

Со резолуција на Генералното собрание на ОН од 2007 година, 2 Април се одбележува како Меѓународен ден на свесноста за аутизмот, а симболично многу објекти во светот се осветлуваат во сина боја.


Related Articles