Караванот за вакцинирање против КОВИД-19 денеска ќе биде во Кичево, а ќе заврши утре во Струга. Надлежните апелираат граѓаните да се вакцинираат со цел да се заштитат од тешки форма на болеста, хоспитализација и смрт поради инфекција со КОВИД-19. Во рамки на караванот, како што соопшти вчера Министерството за здравство, се остварени посети на вкупно 14 градски и рурални подрачја низ целата држава.

Заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, претставникот на УСАИД за земјава, Ерик Јановски, заменик-претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов, градоначалникот на Врапчиште, Исен Шабани и претставници од СЗО, вчера го посетија селото Неготино во Општина Врапчиште, една од последните локации на караванот за информирање и вакцинација против КОВИД-19.

– Согласно последните податоци од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, околу 41,2 отсто од вкупното население во земјата е вакцинирано со две дози. Голем дел од населението останува незаштитено од можните тешки последици од КОВИД-19. Невакцинираните луѓе имаат поголем ризик од смрт од КОВИД-19 во споредба со тие кои биле вакцинирани. Затоа, граѓаните не треба да се колебаат и одлуката за вакцинирање не треба да се одложува, изјави заменик-министерот Рендевски.

Караванот за заштита од КОВИД-19 што го спроведува Министерството за здравство со поддршка од УСАИД, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ почна во Шуто Оризари. Покрај активностите организирани во рамки на караванот за вакцинирање, граѓаните може да се вакцинираат и во најблиските здравствени домови секој работен ден од 8 до 14 часот. Пунктот за вакцинирање во Поликлиника Букурешт во Скопје е отворен до 20 часот од понеделник до петок, стои во соопштението.