Центарот за дијализа Диаверум, денеска, организираше едукативно предавање на тема „Хронична бубрежна болест – превенција и третман“. Димитар Клисаровски, директор на Диаверум Македонија, објасни дека со оваа конференција се дефинира што и како прави Диверум групацијата за да ја превенира оваа болест по нејзиното настанување.
– Целта е да се размени искуството меѓу докторите од сите здравствени установи во нашата земја за превенирање и третман на хронична бубрежна болест и како да ги унапредиме услугите за третирање на оваа болест“, рече Клисаровски.
На настанот своја презентација имаше главниот медицински директор на Диаверум групацијата, д-р Фернандо Макарио.
– Воодушевен сум што за време на мојата посета во Македонија имав можност да се сретнам со македонски професионалци за нефрологија кои доаѓаат од приватниот и јавниот сектор и заедно да разговараме за управувањето со васкуларниот пристап, што е клучна компонента на нашата клиничка стратегија во Диаверум за подобрување на животот на бубрежно болни пациенти. Исто така, со задоволство ги претставив на публиката најновите сознанија на Диаверум за превенцијата и дигитализацијата кај хронична бубрежни болните пациенти. Би сакал да упатам честитки до македонскиот стручен тим кој со страст и ентузијазам донесе чекор – промена во клиничките перформанси откако му се придружи на семејството Диаверум во 2018 година, рече Макарио.
Клисаровски се заблагодари и на Клиниката за нефрологија, посебно на д-р Игор Николов за презентацијата „Запишување на пациентите на дијализа на листата за трансплантација на бубрег – дилеми и проблеми“ каде што се говореше за процедурата за избор на пациенти соодветни за изведување на трансплантација, кои се апсолутните и релативните контраиндикации за трансплантација, кои се факторите што влијаат на исходот од трансплантација.
Исто така се споделија информации за активностите за формирање единствена листа за трансплантација и подготовката на софтвер за поврзување на болниците што ќе го олесни процесот на трансплантација.
На едукативното предавање му претходеше тркалезна маса на тема „Предизвици со кои што се соочуваме во секојдневните активности со посебен осврт на стратегијата за васкуларни пристапи“ за да се подобри соработката меѓу Клиниката за нефрологија – Скопје, Нефролошкиот завод Струга, Градската болница „8 Септември“ и дијализните центри Диаверум и НефроПлус во интерес на пациентите.