Огромната дива депонија која се наоѓа на влезот на населбата Драчево, кај местото Аџево, денеска започна со отстранување. Од ЈП Комунална хигиена-Скопје посочија дека оваа депонија е директна закана за здравјето на луѓето во оваа населба. Во текот на претстојните денови ќе следи расчистување на оваа локација од страна на претпријатието, а активностите се одвиваат во координација со општината Кисела Вода и ЈП „Улици и патишта“.
-Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје и во текот на претстојните денови ќе продолжат да ја расчистуваат оваа локација каде што преку несовесно одлагање отпад е создадена огромна дива депонија што претставува директна закана за здравјето на жителите на оваа населба. ЈП Комунална хигиена-Скопје секоја година отстранува сè поголемо количество неправилно одложен отпад на територијата на градот Скопје, што резултира со создавање диви депонии и загадување на нашата животна околина. Во овој период кога се соочуваме со пандемија на еден смртоносен вирус, ќе ги преземеме сите потребни активности и ќе ги вложиме сите напори за максимално да го заштитиме јавното здравје, изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.