Ученичките домови во кои се сместуваат ученици секојдневно мака мачат со финансиските средства. Токму овие домови се наоѓаат во невиден хаос и условите за седење таму се катастрофални и мизерни.
Директорите на овие домови проблемите ги насочуваат кон државата и се жалат дека условите се такви бидејќи добиваат само по 7.500 денари месечно за ученик. Со овие средства тие треба да ги платат режиските трошоци, одржувањето на домот, храна за учениците и плати за сите вработените бидејќи тие не добиваат посебни блок- дотации за таа намена.
Директори на овие институции велат дека едвај излегуваат на крај со средствата кои ги добиваат за секој ученик и дека ако наскоро не се реши ова прашање, нема да можат да функционираат.
Ученичките домови секојдневно се соочуваат со катастрофални услови во инфраструктурата и опременоста.
Децата кои престојуваат таму ги немаат основните услови за живеење и за учење. Се соочуваат со големи потешкотии, дури можеме и по сликите да забележиме дека ѕидовите по домовите се со влага, со што може да влијае и лошо по здравјето на децата. Децата додека се соочуваат со нехумани услови по домовите, топката на одговорност ја префрлаат секојдневно директорите и власта.
Инаку, Владата минатата недела донесе одлука за измени и дополнувања на Законот за ученички стандард со кои се дава можност Министерството за образование и наука (МОН) да додели средства на јавните ученички домови, односно јавните средни училишта во кои има ученички домови доколку непредвидено им се зголемат трошоците за тековно работење.
Се отвора можност да им излезе во пресрет на потребите на ученичките домови во кои се сместени над 2.000 ученици, а кои се наоѓаат во лоша финансиска состојба – изјавил владиниот портпарол Муамед Хоџа.
Но, директорите се согласни дека тоа нема да го реши проблемот и дека е потребена промена на начинот на кој се финансираат ученичките домови.