Македонија секојдневно се соочува со голем број на нови случаи на Ковид-19. Бројот на заразени на дневна основа е веќе подолго време троцифрен број, поради што СЗО ни посочи дека состојбата во нашата земја е загрижувачка. Бројот на починати се приближи до 300 или близу 5 отсто од вкупниот број на заболени што е најголема стапка на смртност во регионот.

Додека се соочуваме со ваквите поразителни статистики, вчера на официјалната фејсбук страна на министерот за здравство Венко Филипче, беше објавен видео спот за кампањата на СДСМ „Можеме“. По објавувањето на спотот, социјалните мрежи се исполнија со лавина од коментари. Граѓаните го искажуваа револтот од постапката на министерот бидејќи како што посочуваат тие, пациентите умираат во болниците додека тој снима спотови и тера партиска кампања. Тие посочуваат дека во состојба со по 200 заболени на ден, смртни случаи еден куп, здравствени работници истоштени од работа, партиските активности треба да бидат во втор план.

Филипче за медиумите вели дека немал партиска агенда за изборите, а на теренските активности бил за промоција на изборната програмата оти тој ја пишувал. Спотот го снимал надвор од работно време.

– Немам партиска агенда за оваа кампања. Вчера бев во Штип и таму се промовираше кампањата за избори. Меѓутоа јас таа кампања ја пишував заедно со тимот и сметав дека е најсоодветно да јас ја претставам пред граѓаните. Во таа смисла и видеото, сите овие активности ги правам надвор од работно време“, вели министерот.