Полека но сигурно започнуваат и првите берби на јагоди во Македонија. Не само што изгледаат убаво, туку се и овошје кое изобилува со бројни витамини, минерали, а истовремено нудат и неверојатни здравствени придобивки.
Јагоди уште од античко време се користеле како храна на боговите, а биле користени и во народната медицина за лекување на голем број на болести. Причината е што изобилуваат со овошни шеќери и киселини, железо, фосфор, калциум, пектини и други корисни материи. Јагодите се богати и со вода, поточно целиот плод содржи 90% вода.
Во себе содржат големи количества на витамин Ц кој го зајакнува имунитетот и е извонреден антиоксиданс. Исто така во јагодите е присутен и витамин К, фолна киселина, магнезиум и калиум. Имаат малку калории, богати се со јагленохидрати, посебно со влакна. Без оглед што вкусот им е благ тие не содржат многу овошни шеќери.
Еве неколку здравствени придобивки од консумирањето јагоди:
– Штитат од кардиоваскуларни болести
– Го регулираат шеќерот во крвтта и го намалуваат ризикот од дијабетес тип 2
– Овозможуваат превенција од одредени видови на рак – вклучувајќи го ракот на дојката, рак на дебелото црево и рак на јајниците.
Со редовното консумирање на јагодите ќе ги подобрите вашите когнитивни способности, позитивно делуваат на артритисот и проблемите со очите. Јагодата е исто така одлично овошје за оние личности кои патат од цревни воспаленија и Кронова болест.