Утринава нема нови информации за заразани со Кoвид 19. Tретата жртва од корона вирусот во земјава е од Дебар.
Пациентката беше на 66 година возраст, таа неколку денови беше во тешка состојба и на машина за дишење .
Бројот на новозаболени во претходните два дена беше намален, но вчера до пладне, по поминати 24 часа, повторно се искачи на 29. Вкупниот број со новите случаи сега е 177.
Од 29-те новозаразени, 20 се од Скопје, тројца се од Куманово и еден од Дебар, а коронавирусот првпат е потврден и кај жители на прилеп – двајца сопружници над 60 години чиј син бил на Копаоник во Србија, како и во Велес каде што се потврдени тројца инфицирани.
Пет од 29-те нови случаи се поврзани со заболената поранешна директорка на клиника за кожни болести. Тие немале симптоми, но тестовите за коронавирусот кај нив биле позитивни. Лицата ќе останат во домашна изолација и ќе бидат во контакт со лекари од инфективната клиника. Останатите од триесетината тестирани поврзани со докторката од дерматологија биле негативни.
Од вкупно 177-те досега заразени со коронавирусот во земјава, 14 или 15 се здравствени работници од Скопје, Кавадарци, Дебар и Куманово.
Позитивни на ковид-19 се и двајца припадници на армијата.
извор: kanal5.com.mk