Со почетокот на летото и летните горештини здравствените работници советуваат граѓаните да бидат внимателни и да се заштиттат од силните сончеви зраци. Претседателот на Здружението на приватни лекари на Македонија, доктор Лилија Чолакова Дервишова во изјава за медиумите посочи дека потребно е да се користат заштитни фактори, со цел граѓаните да се заштитат од јаките сончеви зраци.
– Временските услови нагло се променија, се покачија температурите, се зголеми УВ факторот. Пациентите мора да внимаваат да се заштитат од јаките сончеви зраци, да се користат заштитни фактори, да се заштити кожата, особено оние лица кои се побели и имаат помалку пигмент, рече таа.
Луѓето кои се изложени подолго време на високи температури, посочи Чолакова Дервишова, без заштитни средства, може да добијат кожни промени, кои можат да се движат од лесно црвенило, до опекотини од сончевите зраци.
– Но, може да се појават и промени кои се предканцерозни или кожни ракови/ планоцелуларен, базоцелуларен карцином. Оние лица кои имаат многу бенки по телото, исто така да ги заштитуваат со заштитни креми, најдобро да е со фактор 50, бидејќи може многу лесно таквата бенка да премине во малигна, истакна Чолакова Дервишова.
Таа додаде дека пациентот треба веднаш да се јави кај дерматолог, доколку забележи некаква промена кај бенките. Ја истакна и важноста да се пијат што повеќе течности за време на летниот период.
– Друг момент на кој треба да внимаваат пациентите, кога станува збор за вакви високи температури, е рехидратацијата, значи внос на течности, кои не се ладни, природни сокови, многу овошје, лесна храна. Никако да не се пијат многу ладни напитоци, тоа прави шок во човековиот организам, кој има нормалана температура од 36.5 до 37, апелираше Чолакова Дервишова.
Како што појасни Чолакова Дервишова, заради сите временски промени, одреден процент на пациенти имаат и почести вртоглавици. Им варира крвниот притисок, па затоа мора да се внимава со внесувањето на солена храна, да се консумира помалку сол, да се консумира помалку кафе. Многу важни се и прошетките, кои треба да се практикуваат наутро или навечер, а не во време кога надвор е најтопло. Да се движиме под сенка кога околностите го дозволуваат тоа.
Оние кои сакаат да влезат во базен, река, езеро или море, со цел да се освежат од неподносливите горештини, потребно е да му дозволат на нивното тело да се прилагоди на температурата во водата. Да не се влегува веднаш во водата, притоа не давајќи му можност на телото да се навикне на промената.