Од здружението „Движење за чист воздух“ со писмо му се обратија на заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, после изјавите дека сензорите од „Али Експрес“ покажуваат зголемено загадување, иако реално не било такво.

„Почитуван заменик министер за загадување на животната средина, Али Експрес е фирма ќерка на Али Баба. Бидејќи милувате да ги користите овие две компании, ве молиме во своите изјави, во интерес на граѓаните кои сакаат да дишат чист воздух да ги наведете останатите 40 разбојници на Али Баба кои во континуитет не трујат и се најодговорни за доведувањето на нашите животи во опасност.

Како наш придонес, со цел да се разреши проблемот, ние ќе ви помогнеме за иднетификација на првите три разбојници: 1. Цементарница 2. Железара 3. Дрисла … 40

Се надеваме дека овие три доволно ќе ве инспирираат да ја надополните листата со преостанатите. Доколку се двоумите или немате идеја кои се тие обратете се до нас, ,,Движењето за чист воздух” ние ќе ви помогнеме да ги идентификувате и лоцирате како главни помошници на Али Баба.

Друже Јани ти си наше светло на крајот од индустрискиот оџак, ти си бесценет ко концесија за мала хидроцентрала, сјај во очите на генерален директор, борец против ќумбињата, цар на сите стратегии! Кога го слушаме твојот милозвучен говор се потсетуваме кога нашите претци ги водеа овците на испаша. Ти си сон за секоја партија пред избори и ќе ургираме сите пак да те стават како носител на листа. И те молиме многу поздрави ни ги другарчињата од царина, Дрисла, Те-То, Цементара и ИнспектораТ… со кои заедно сте нашиот дрим тим од сеништата.