Единствена жена оџачар во Македонија: Нема машка или женска професија, за мене се е исто!

Розана Ивановска-Коневска е единствената жена од Македонија, кандидат за оџачар, која ги руши стереотипите дека чистењето на оџаци е единствено само машка професија. Таа рамо до рамо со нејзините десетина…

Розана Ивановска-Коневска е единствената жена од Македонија, кандидат за оџачар, која ги руши стереотипите дека чистењето на оџаци е единствено само машка професија.
Таа рамо до рамо со нејзините десетина колеги кандидати веќе неколку месеци го посетува курсот за оџачари што го распиша Град Скопје. Со обуката е при крај и нестрпливо чека да го спроведе на дело она што го научила.

Кога ја одбрала оваа професија однапред знаела дека нема да има топла канцеларија бидејќи ќе има работа на отворено, на стрмен, висок и лизгав кров. Но тоа не ја секира бидејќи, како што вели, височините се нејзина пасија од мали нозе. Нејзе не и пречи ниту тоа што здолништето ќе го замени со црна оџачарска униформа, а високите потпетици со оџачарски чевли со силикони кои ќе се лепат на секој покрив како и тоа дека наместо пенкало в рака ќе држи сајла и метално ѓуле. Но сето тоа ја прави среќна затоа што на луѓето ќе им донесе среќа, бидејќи како што вели низ смеа оџачарите носат среќа.

Розана по природа е весела жена, која верува во себе, но и голем поборник за чисто Скопје.
“Јас не признавам машка и женска професија. Стереотипите за мене не важат. Се што правам не го правам тоа со мака туку од задоволство, како од пушка ни одговори Розана кога ја запрашавме зошто го одбрала токму оџачарството како нејзина идна професија. Таа по карактер е жена која секогаш изненадувала. Тоа го знаат сите што ја познаваат и за нив не било вест дека таа сака да биде оџачар, но изненадување било за сите други кога се пријавила на огласот за оџачари. “Кога му кажав на семејството дека ќе станам оџачарка тие, знаејќи го мојот карактер, не се изненадија, само кусо ме прашаа дали сум спремна на коментарите кои ќе ги слушам додека сум на работа. Само се насмевнав – објаснува Розана.

Дотогаш јас немав никакво познавање за оџаци. “Мислам, можеби ако сум погледнала во некоја куќа со оџак, тоа било дека ми се допаѓала некоја градба само од естетска природа и дека сопствениците убаво си ја уредиле куќата. А не тоа дека ме интересира оџакот за кој имав претстава дека се работи на некаква цевка или пак отвор во куќата кој служи за затоплување. Но, како течеше обуката се повеќе навлегував во тајните на оџачарскиот свет и сфатив дека овој занает не е едноставен, туку вистинска наука.

На почетокот немала јасна ситуација дали и покрај курсот за кој се надева дека ќе го положи и ќе биде лиценциран оџачар ќе се бави со овој знает, но сега е повеќе од сигурна дека есенва, кога е сезоната на чистење на оцаци, во истиот ќе го удри металното ѓуле и ќе ја протне сајлата со што ќе го означи стартот на новата нејзината професија.

 


Related Articles