Само една комисија, наместо досегашните 14 комисии, во иднина ќе ја утврдува позитивната листа на лекови. Министерството за здравство почна процедура да се смени Законот за здравствено осигурување и да се овозможи за пациентите да станат достапни и други, нови и поскапи лекови кои сега можат да ги набават само на свој трошок, пишува “Независен”.
Овие 14 комисии беа формирани во 2012 година, поради што беше укината онаа што дотогаш беше во надлежност на Фондот за здравствено осигурување. Требаше да одлучуваат за ставање лекови на позитивната листа, која пак не е проширена цели девет години. Мандатот на членовите им беше определен на по една година. Објаснувањето беше дека секој лекар специјалист од својата област ќе може да каже кој лек треба да се стави на товар на ФЗО. Првата година помина додека воопшто да се формираат комисиите. Нема информација ни дали некогаш воопшто се состанале и дали добиле надомест за работа. Во Правилникот кој ја регулира нивната работа, се вели дека „надоместокот за работа се исплаќа само за членовите кои учествуваат во работата по одржана седница“.
Комисиите ни сега не функционираат.
„Со законот е утврдено дека Листата на лекови ја утврдуваат 14 стручни комисии, формирани од Владата. Ова законско решение во праксата се покажа како гломазно, широко поставено и неприменливо“, се вели во известувањето за почеток на подготовка на предлог измените во Законот.
Преземено од nezavisen.mk