Со започнувањето на летниот период од годината и топлото време, време е да го планирате вашиот летен одмор. Тие што ќе одлучат летниот одмор да го поминат надвор од Македонија, треба да ги знаат ризиците по здравјето како и начините за превенција, укажуваат од Институтот за јавно здравје.
„Без разлика каде одите – планински предели, плажи или раздвижени градови – започнете ја вашата авантура подготвени.
Одвојте кратко време да се запознаете со дестинацијата каде ќе патувате. Дури и ако сте запознаени со местото, може да има нови и важни здравствени ризици кои би можеле да го нарушат Вашето патување.
- Контактирајте го Центарот за јавно здравје надлежен за местото каде живеете за да добиете информација за тоа дали Ви се потребни некои лекови или дополнителни вакцини за дестинацијата каде ќе патувате, велат од ИЈЗ.
Исто така, доколку спаѓате во групата на лица кои имаат хронични заболувања (заболувања на органите за дишење, срцето, црниот дроб, бубрежни заболувања, дијабет, намален имунитет од било кое заболување) побарајте совет од вашиот матичен лекар или специјалист, кој ќе го процени ризикот од патувањето.
- Во најблиското наше соседство и во многу популарни дестинации (Грција, Србија, Косово, Албанија, Бугарија, Хрватска, Италија, Франција, Шпанија, Португалија и многу други европски земји) во моментов има епидемии на мали сипаници– не патувајте незаштитени!, велат од ИЗЈ.
Институтот за јавно здравје им препорачува на сите патници да го проверат својот вакцинален картон и вакциналните картони на своите деца, за да се сигурни дека се целосно вакцинирани согласно Календарот за имунизација на Република Македонија, вклучувајќи и две дози со вакцина против мали сипаници, или соодветно на возраста.