Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија денеска преку соопштение го осудија, како што наведуваат, говорот на омраза и антисемитските коментари кои последниве денови се појавија на социјалните мрежи насочени кон министерката за труд и социјална политика во техничката влада предложена од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи.
Тие повикуваат на смирување на страстите и на враќање на рационалноста и меѓусебното почитување во јавниот дијалог од секој вид.
– Укажуваме на штетноста на ваквите појави, од која било страна да доаѓаат. Немаме разбирање за острастени политички препукувања зашто знаеме дека доведуваат до ескалации. Историјата и холокаустот постојано опоменуваат и потсетуваат дека антисемитизмот води кон назадување и деструктивност на цивилизациските и човековите вредности, права и слободи, стои во соопштението.
Во нашата земја, дополнуваат, нема место за антисемитизам, ксенофобија и омраза, и треба да има нула толерантност кон обидите за ширење навреди и омрази кон поединци и цели заедници кои се поинакви заради нивната етничка, национална или верска припадност и поради тоа да се сметаат за „не достојни“ за учество во општествениот живот!
– Сите оние кои ги потикнуваат овие чувства би требало да направат длабок испит на својата совест и да увидат што точно предизвикуваат и креаираат со ваквите обиди. При тоа истакнуваме дека еврејскиот, како впрочем и ниту еден друг народ и неговите припадници не смеат да бидат користени од кого било како објект во политички, идеолошки и партиски вербални пресметувања, истакнуваат Еврејската заедница и Фондот на холокаустот.
Апелираат до граѓаните, институциите и политичките субјекти да се спротивстават на ширење антисемитизам и омраза по кој било основ и активно да се вклучат во полето на културата на почит и сеќавање, образованието и истражувањето на холокаустот со цел да се разберат човековите права, но и облиците на нивно кршење. – Повикуваме на смирување на страстите и на враќање на рационалноста и меѓусебното почитување во јавниот дијалог од секој вид, се наведува во соопштението.