Кафето е клучен дел од утринската рутина за повеќето луѓе. Меѓутоа, земањето одредени лекови со кафе може да доведе до несакани ефекти и сериозни компликации. Фармацевтите за „Дејли мејл“ открија кои лекови најчесто се земаат и кои би можеле да стапат во интеракција со кафето и со другите пијалаци кои содржат кофеин.
Антидепресиви
Антидепресивите доаѓаат со долга листа несакани ефекти, а доколку се земаат со кафе, може да предизвикаат опасно зголемување на крвниот притисок. Ова е особено точно за постарите класи на антидепресиви, како што се трицикличните антидепресиви и инхибиторите на моноаминоксидаза (МАОИ), кои го спречуваат телото правилно да го метаболизира кофеинот. Не постојат познати интеракции помеѓу кофеинот и поновите антидепресиви, како што се Zoloft, Lexapro и Prozac..
Лекови против настинки и алергии
Лековите за настинка и алергии кои се издаваат без рецепт, често го содржат стимулансот псеудоефедрин, кој ги стеснува крвните садови во носните канали за да го намали отекувањето и затнатоста. Меѓутоа, псеудоефедрин ги стимулира клетките во мозокот кои се одговорни за реакцијата којашто нè одржува подготвени да бегаме кога сме под закана. Пиењето кафе со такви лекови може да ги влоши овие симптоми и да нè направи нервозни и вознемирени.
Лекови за дијабетес
Иако инсулинот не е во директна интеракција со кофеинот, не е добро да се пие со кафе. Имено, шеќерот во крвта ќе се зголеми по пиењето кафе, што го прави лекот помалку делотворен. Пиењето што било со кофеин може да го зголеми нивото на инсулин и шеќер во крвта, според истражувањето на Американското здружение за дијабетес.
Антибиотици
Антибиотиците можат да го инхибираат метаболизмот на кофеинот, што доведува до зголемено ниво на кофеин во крвта. Ова особено се однесува на ципрофлоксацин, кој најчесто се препишува за бактериски инфекции, како што се инфекции на уринарниот тракт и мочниот меур, заразна дијареја (пролив) и инфекции на синусите. Земањето на овој лек со кафе може да доведе до забрзано работење на срцето и чувство на нервоза.
Лекови за разредување на крвта
Кофеинот може да го спречи разградувањето на лекот за разредување на крвта. Ова е особено опасно, бидејќи преголемата доза со лекот може да резултира со прекумерно крвавење, дури и од помали повреди како што е исекотини од хартија.
Лекови за крвен притисок
Бета-блокаторите го намалуваат отчукувањата на срцето, а ако пиеме кафе или пијалак со кофеин, се забрзува бројот на отчукувањата на срцето и, на крајот, се зголемува и крвниот притисок. Значи, кофеинот не е во директна интеракција со лекот, туку ја потиснува неговата делотворност.
Лекови за тироидната жлезда
Студија од 2020 година покажа дека телото апсорбира помалку од лекот за хипотиреоаза кога се зема со кој било вид храна или вода. Конкретно, ако лекот го испиете со кофеин, стапката на апсорпција се намалува за дури 50 отсто.
Лекови за Алцхајмерова болест
Лековите за лекување на симптомите на Алцхајмерова болест, најчестата форма на деменција, наречени инхибитори на холинестераза, го спречуваат разградувањето на ацетилхолинот, хемикалија која помага во формирањето на меморијата и размислувањето. Меѓутоа, земањето на овие лекови со кафе ја стегнува крвно-мозочната бариера, што го отежнува лекот да стигне до мозокот.
Лекови за остеопороза
Слично на лековите за тироидната жлезда, земањето на овие лекови со кафе може да предизвика телото да не ги апсорбира правилно, што ги прави помалку делотворни.
Лекови за астма
Мешањето бронходилататори како што се аминофилин и теофилин со кафе може да ги влоши несаканите ефекти на лекот, како што се раздразливост и немир.
Лекови за АДХД
Лековите за АДХД помагаат во регулирањето на невротрансмитерите, како што се допаминот и норепинефринот, за подобрување на фокусот, вниманието и контролата на импулсите. Меѓутоа, кога се земаат со кафе, лековите се помалку ефикасни и може да доведат до зголемена хиперактивност.
Антипсихотици
Антипсихотици обично се препишуваат за сериозни здравствени состојби, како што се шизофренија и биполарно нарушување. Тие дејствуваат така што ги регулираат невротрансмитерите како допамин и серотонин за да ги ублажат симптомите како што се халуцинации. Кафето може да ја намали количината на лекот што телото го апсорбира, така што луѓето со манични епизоди треба целосно да го избегнуваат топлиот пијалак.