Февруари е месец во кој светот посветува внимание на сенилната макуларна дегенерација и намален вид. Целта е да се зголеми свесноста за постоењето на овие болести на очите кај луѓето преку запознавање со причините и ризик факторите поврзани со намалениот вид како и редовните посети на очен лекар кои се клучни во зачувувањето на здравјето на нашиот прозорец кон светот, односно очите.

Болестите на очите се јавуваат кај луѓето на најразлични возрасти, а само мал дел од нив се свесни за симптомите и ризик факторите, како на пример возраста. Во САД најчести причини за намален вид се сенилната макуларна дегенерација (СМД), катаракта, глауком и дијабетична ретинопатија. СМД е една од водечките причини за губење на видот и околу 15 милиони луѓе постари од 50 години имаат проблеми со видот токму поради оваа болест.

Намален вид е состојба која се утврдува кога видното поле на личноста е замаглено, односта истата се бори со секојдневните активности како читање или готвење или кога постои потешкотија во препознавање на лицата на луѓето. Ваквите личности не можат едноставно да стават пар очила или леќи и да гледаат подобро. Оваа состојба се разликува од вообичаеното намалување на видот кое се појавува како старееме. Поради влијанието на болеста врз секојдневниот живот, многу е важно да се прават редовни прегледи кај специјалисти офталмолози, особено поради фактот што кога еднаш видот ќе се намали тој не може да се врати во првобитната состојба.

Сенилна макуларна дегенерација е тип на дегенерација на ретината во регија на жолтата точка, која се јавува во возраст над 55 години. Болеста е прогресивна, хронична и почнува најчесто без симптоми. Причините за настанување на сенилна макуларна дегенерација не се изненадување. Ако е присутна како фамилијарна болест, ризикот да се појави и кај следните генерации е поголем. Дополнителни фактори од околината кои влијаат да се манифестира генот за појавување на болеста се пушењето (двојно го зголемува ризикот), покачениот крвен притисок, покачен холестерол, слаба физичка активност, лоша исхрана. Дополнителен фактор е и УВ зрачењето. Сенилната макуларна дегенерација најчесто се открива случајно, на редовен офталмолошки преглед со проверка на видната острина и ширење на зеници.