Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека е потребно да се направи целосна ревизија на позитивната листа на лекови за што треба да се почека да биде донесен новиот закон, кој е во собраниска процедура. Одговарајќи на пратеничко прашање, Филипче кажа дека исто така се работи на намалување на цените на стотина лекови, што биле зголемени појаснувајќи зошто се случува тоа.

Според министерот, најевтините лекови треба да се тргнат од позитивната листа, а со дополнителни средства да се обезбеди нова и иновативна терапија за пациентите. Филипче признава и се согласува дека има недостатоци во системот за снабдување со лекови, а тоа би се променило со зголемување на средствата за оваа намена и со воведување на нов систем за следење на лековите од влез во земјата односно аптеките до негово издавање.

Не сака министерот да признае дека нема стратегија за управување и издавање на лековите и дека многу малку се двои за граѓаните и за набавка на лекови, па поради тоа и граѓаните трпат, секој месец квотите се исполнети до 3-ти односно 5-ти во месецот и потоа цел месец болните и тие со хронична терапија го живеат животот под терапија приватно или на вересија.

Филипче информираше дека се започнати повеќе физибилити студии за јавно-приватно партнерство и оти една постапка е веќе во тек.

– Тоа е моделот на стерилизација со тоа што за сите хируршки институции во нашата земја сакаме да обезбедиме нови инструменти, современ начин на стерилизација на облеката, соодветно третирање на медицинскиот отпад и соодветно чистење на операционите сали. Таа инвестиција, според проценката од физибилити студијата, би требало да изнесува околу 15 милиони евра, околу 30 отсто во првата и останатиот дел во втората година. На се ова што го напоменав обврска би била на приватниот партнер, а државата ќе има обврска да ги контролира како ги извршуваат работите и да го превземе плаќањето, рече Филипче.

Никако да допре до министерот Филипче гласот на народот и да разбере дека физибилити студиите не го решаваат проблемот со лековите и со болните дека треба работа не само ковање планови, за плаќање на изработка на планови, за да може да се испланира кога ќе треба да се работи како да испланираме да започнеме со работа. Посочуваат дел од докторите во фелата кои секојдневно се соочуваат со оваа проблематика.

Еден таков неуспешен пример е физибилити студијата за катната гаража во склоп на клиничкиот центар и откако се изработи истата, се реализираше едно големо НИШТО.  Повторно сите посетители, болни, пациенти, медицински персонал, паркираат кај стигнат, дури и во калта и отвореното мочуриште веднаш до ГАК кое наместо катна гаража никна како привремен ама долготраен паркинг за возила, кој најверојатно до крајот на министерувањето на Филипче ќе остане како таков.

Изгледа физибилити студиите се нов начин на замолчување на јавноста дека нешто се работи, а пак на крајот всушност станува збор за доделување на тендери во 4-ри очи, бирање на компании блиски до министерот или власта и делење на профитот кој ќе се обезбеди. Каде е Филипче да објасни што се случува во македонското здравство?

Започната е исто така физибилити студија за приватно-јавно партнерство во сферата и на ин витро оплодувањето.

– Ин витро одделот на ГАК остана без експерти со навистина мали резултати во своето работење. Тоа што сакаме да го постигнеме е да привлечеме приватен инвеститор кој би инвестирал во ГАК, според наши критериуми да донесе експерти со соодветно искуство, да се реновира тој дел од болницата согласно европските стандарди и да работат и нашите лекари кои дополнително ќе се едуцираат и ќе го надградуваат своето знаење, рече министерот за здравство.

Во однос на физибилити студијата за брзата помош, Филипче смета дека е потребна широка дебата, бидејќи има различни модели.

Филипче рече дека и кадарот во здравствените институции може да биде дел од моделот на јавното-приватно партнерство.

– Посебно што во нашите критериуми и тоа што го бараме од потенцијален инвеститор, може да биде критериум и кадарот и типот на специјалност, медицинска сестра, докторот и да го решиме проблемот со одливот на кадри, посебно како што е брзата помош, рече Филипче.

Министерот Филипче како татко на здравствениот систем во Македонија нема јасна слика ниту престава како да го сопре одливот на медицински кадар од државата, напоредно водејќи се со желбата да инстант се збогати, започнува хајка и кампања во која со јавна лицитација ги продава сите државни клиники и тоа го прави пред очите на јавноста и никој при тоа не реагира. Народот не се согласува со политиката на министерот, се плашат дека нема да има кој утре по клиниките да ги лечи и дека здравјето и здравствениот систем, лекарите и прегледите ќе бидат само привилегија на богатите.

Кога министерот Филипче ќе излезе да објасни, јавноста го повикува да каже зошто го продава државниот имот, државните клиники и со кое право, кој му ги дал во наследство за така да се однесува неодговорно кон сите државни клиники?